Од успехот на Новогодишната кошница ќе зависи дали Велигденската и Рамазанската кошница ќе одат со акции или, пак, со одлука за замрзнување на цените, најави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
-До 15 јануари, до кога трае Новогодишната кошница, ќе се знае дали ги постигнала очекуваните резултати или не. Оваа кошница ја направивме со акција, односно самите чинители одлучија да ги намалат цените на производите кои најмногу им се трошат за новогодишните празници, а ние само ги поддржавме. Доколку се покаже дека не ги исполнила очекувањата следните две кошници ќе ги донесеме со одлуки за замрзнување на цените, рече Дурмиши на денешната средба со новинарите.
За почетните малверзации со цените при спроведувањето на Новогодишната кошница подеднакво ги обвини производителите, дистрибутерите и трговците.
-На моето биро има готова изготвена одлука за замрзнување на цените и доколку Државниот пазарен инспекторат при контролите укаже на злоупотреба на цените на основните производи веднаш за само еден час од тоа ќе биде донесена одлука на Влада за воведување на таква мерка, рече Дурмиши.