Казните за прекршоци против животната средина се зголемени до 20 пати, воведена е 24 часовна контрола на Државниот инспекторат за животна средина и на локалните инспекторати, велат од СДСМ.
-Министерството за животна средина и просторно планирање подготвува закон со кој ќе се формира комунална полиција на локално ниво, со која досегашните комунални инспектори и екопатроли ќе можат заеднички да преземаат мерки против загадувачите.Како дел од програмата за намалување на аерозагадувањето годинава се предвидени 100 милиони денари за објекти за општините за замена на нееколошки системи за греење, зголемување на енергетската ефикасност како и обновување на урбаното зеленило, велат од партијата.
Оттаму велат дека оваа година продолжуваат инвестициите во замена на нееколошките системи за греење и до 2024 година ниту една државна институција нема да користи загадувачки енергенси.
-За заштита на животната средина еден од главните приоритети во 2021 година е зголемување на процентот на заштитени природни подрачја.
Годинава продолжуваме со постапката за Шар Планина да се развива како национален парк и ќе се донесат планови за управување со националните паркови Пелистер, Галичица и Маврово, како и планови за управување со заштитените подрачја.
Паралелно тече постапката за прифатливост за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје, постапка за прифатливост за прогласување на локалитетот Студенчишко Блато за парк на природа, како и на дел од Водно за заштитен предел.Од државниот буџет со 70 милиони евра ќе се финансира еколошки чистиот и брз автобуски систем во Скопје со цел обезбедување чист воздух во главниот град.
Истовремено, ќе продолжат и субвенциите за набавка на инвертер клими за дополнителни 5000 домаќинства, соопштија од СДСМ.