До ДИК поднесена нова иницијатива за собирање потписи за претседател

од Vladimir Zorba
248 прегледи

На само два дена од истекот на рокот за собирање на потписи за кандидати за претседател, до Државната изборна комисија денеска била доставена Иницијатива за собирање на потписи за кандидатура од страна на Драган Николовски.

Како што информираат од ДИК потписите и за овој ќе се собираат во подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија на цела територија на државата.

До овој момент потребните 10 000 гласови ги собраа седум кандидати.

Билјана Ванковска Цветковска кандидат од партијата Левица од граѓаните собра 10 500, Бујар Османи од ДУИ – 11 085, Максим Димитриевски од ЗНАМ 11 605, Стевчо Јакимовски 11 202, Арбен Таравари 10 710, кандидатот на Социјал демократскиот сојуз (СДСМ) Стево Пендаровски има собрано 22 411, Гордана Силјановска кандидат на ВМРО-ДПМНЕ 28 086 гласови.

Сите останати пријавени кандидати за шеф на државата имаат помалку потписи – кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 1 876, кандидатот Вело Марковски 1 551 потпис, Ѓорѓи Манасков 468, Зорица Цветковска 255, Господин Попоски 137 потписи. Според податоците од ДИК, во овие пет дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски и за Гоце Ристов кој иницијатива за собирање потписи поднесе вчера.

Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.

Слични содржини