До крајот на неделава ќе бидат избрани замениците-министри

од Берта Китинска
129 прегледи

Премиерот Зоран Заев верува дека до крајот на неделава ќе биде постигнат договор за замениците-министри во Владата, како и за претседатели и заменици на собраниските комисии. Проблеми вели, нема, туку само се води квалитетна дебата да се најде заеднички јазик на местата да се постават најквалитетните кадри кои се на располагање.

-Верувам дека до крајот на неделава ќе ги завршиме сите консултации и разговори со потенцијалните кандидати за заменици министри за да можам како мандатар, сега веќе како премиер, да ги доствам до Собранието за одлучување. Ова е процес во кој се водат разговори со партнерите, сакаме да го избереме најквалитетното од тоа што го имаме како понуда, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање пред средбата во ССМ.

Жалам, рече Заев, што доста квалитетни кадри не се нафааќат на функции поради тоа што имаат поголеми плати во приватниот сектор каде работат.

Премиерот додаде дека нема проблем ниту во распределбата на местата во собраниските комисии.

-Во Парламентот нема проблеми околу формирање на комисиите не повеќе отколку што имало секогаш при нивно формирање. Прво дебатата меѓу власта и опозицијата за распределба е јасна оти се знае колку места имаат едните, колку другите. Во моментов во владината коалиција гледаме како најодговорно да се постават кадрите од парламентот за максимални ефекти и ефикасност во работата, рече премиерот Заев.

Верувам, додаде тој, дека овие денови ќе се најде решение и тоа само врз основа на аргументи преку една квалитетна дебата која е во тек и дека од неа ќе излезат најдобрите решенија за претседатели и членови на собраниските комисии.

Слични содржини