До Месечината и назад: Педесет години по малиот чекор за Армстронг

од desk2
106 прегледи

Во времето на првото слетување на Месечината, шефот на НАСА, Томас Пејн предвиде дека до денес, значи по 50 години, ќе стасаме на месечините на Јупитер. Тоа не се случи, но може да се случи на стогодишнината од овој историски настан.

Пред педесет години, токму во јули, астронаутите за првпат стапнаа на Месечината. Успехот на мисијата Аполо 11, само 66 години по историскиот прв лет на браќата Рајт, ја докажува човековата упорност и генијалност. Половина век подоцна, Месечината повторно е интересна за новите генерации кои сакаат науката да ја спојат со профитот, пишува „Нешнл џиографик“.

Зошто НАСА сака да нè врати на Месечината?

Подвигот се случи во 1969 година, а оние кои се родени потоа треба да знаат дека во тоа време добар дел од домаќинствата во Европа немаа внатрешен тоалет, а најголемиот број немаа телевизор.

Тоа е времето на Студената војна и Железната завеса што правеше политичка поделба на источен и западен свет. Овие два „света“ беа во постојан тивок конфликт, или подобро кажано – трка за тоа кој ќе се покаже како поуспешен. Тоа беше и политичката поента кога во 1961 година тогашниот американски претседател Џон Кенеди ја најави американската вселенска мисија „Аполо“.

Јуриј Гагарин, Алан Шепард, Џон Глен, Нил Армстронг – се првиот бран вселенски патници, првите астронаути кои имаат поминат воена обука и кои сметаа дека вреди да се ризикува сопствениот живот поради оваа повисока цел која подразбира ризични мисии.

Гагарин е првиот човек во вселената со неговиот лет околу Земјата во април 1961 година. И тука Советите ја добија големата политичко-вселенска победа. Но, сепак, првиот човек кој стапна надвор од вселенското летало беше Американец.

Треба да биде забележан и фактот дека, и покрај дискриминацијата, токму жена, математичарката Кетрин Џонсон ги пресмета деталите за траекторијата за првото американско летало кое излезе од Земјината орбита во 1962 година. Од руска страна, првата жена во вселената беше космонаутката Валентина Терешкова.

Но, да се вратиме на Месечината. Во 60-тите години Земјиниот сателит сè уште беше мистерија. НАСА внимателно ги одбираше местата за слетување на астронаутите од првиот пат во 1969 до 1972 година. Шесте слетувања имаа различни научни цели. Сите овие слетувања беа на поблиската страна од Месечината, се додека Кина на почетокот од годинава не влезе во историјата слетувајќи го леталото „Чанг 4“ од темната страна на Месечината.

Во времето на првото слетување на Месечината, шефот на НАСА, Томас Пејн предвиде дека до денес, значи по 50 години, ќе стасаме на месечините на Јупитер. Тоа не се случи, но може да се случи на стогодишнината од овој историски настан.

Слични содржини