Поради непочитување на спогодбата за контрола на оружјето, поставување ново вооружување и зголемените тензии поради воените вежби, можен е нов судир меѓу Русија и Европската унија.

Ова е заклучок на Минхенскиот безбедносен извештај, наречен „До работ и назад“. Во него се опишува растечкиот притисок поради спогодбата за нуклеарното разоружување и тековните безбедносни неприлики во источна и централна Европа, пренесе Ројтерс.
НАТО тврди дека не сака нова вооружена трка со Русија, но наведуваат дека моменталната ситуација може да доведе до понатамошно влошување на безбедносната ситуација во Европа.
„Вака страшна состојба, погрешни проценки и недоразбирања може да доведат до несакан воен судир“, се наведува во извештајот.
Тој е објавен пред Минхенската безбедносна конференција, која ќе се одржи од 16 до 18 февруари, а ќе присуствуваат околу 500 воени и државни функционери од Европа, Африка, САД и Русија и од Заливските земји.