Доаѓањето на Лавров во рацете на МНР: „Да донесеме одлука без да заземеме некоја страна од која што ќе трпиме сите во земјава“

од Nikola Popovski

Владата одлучи да ги овласти надлежните министерства за надворешни работи и одбрана самостојно да одлучуваат за издавање дозвола за прелет и слетување на руски авиони и воздухоплови за време на 30-от Самит на шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ОБСЕ, што ќе се одржи во периодот од 29-ти ноември до 1-ви декември во Скопје. Станува збор за дозволата за слетување на рускиот воздухоплов, кој треба да го донесе шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров на министерскиот совет. Со оглед на претходните изјави на министерот Бујар Османи кој посака присуство на сите министри, се поизвесно е дека еден руски авион за првпат ќе стапне на европско тло после донесената одлука на ЕУ за санкции кон крајот на февруари годинава.

Дали би било правилно Лавров да слета во Скопје?

Евентуалното прво доаѓање на официјален руски претставник на тлото на Европа, после воспоставените санкции веќе подолго време ја бранува македонската јавност. Политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ смета дека имаме проблем со неколку начелни и општи места за кои треба малку да дефинираме „што“ е „што“. Тој во разговор за „Локално“ вели дека како Русија исчекори од Европа во 21 век.

-Русија е агресор во туѓа држава. Русија заради агресијата протера околу 100.000 руси од својата земја. Заради агресијата стотици илјади Украинци се отселија од Украина. Од друга страна, јас навистина не знам што бара Лавров во Скопје? Која е неговата агенда? Ако мене ме прашате, после се’ што се случи во Украина, Лавров нема што да бара во нашата земја. А колку што гледам, големо прашање е дали и другите земји би дозволиле Лавров да слета во Скопје. Затоа што тоа не е прашање само на земјава, тоа е прашање и на останатите земји преку кои Лавров би требало да лета за да стигне во Скопје, истакнува Јовановиќ.

Од друга страна, тој на ова гледа како провокација на Русија кон САД.

-А и не само тоа: тоа е провокација и кон нашата Влада, која, за волја на вистината, на сите им докажа и симболички и практично дека земјата ставена и бетонирана према Запад. Оттука, ако Лавров навистина доаѓа, во што искрено се сомневам, тогаш неговото доаѓање е тука чисто безобразие и провокација. Лавров треба да си остане во светот и векот за кој верувам и се залага, а ние не сме Руска губернија, туку земја преговарач со Европската унија, и тука е веќе сосема јасно се’ кој на кој свет припаѓа, ни порача Јовановиќ.

Поранешниот македонски амбасадор во Турција и дипломат, Горан Тасковски, пак смета дека Македонија мора да има добри односи со сите држави, со сите меѓународни институции и организации, но рамноправно, на исто ниво, со почит и разбирање. Сепак во разговор за „Локално“ вели дека тоа мора да биде без да заземеме некоја страна каде што ќе трпиме сите во Македонија, каде што економски ќе бидеме уништени.

-Да не слушаме некој од надвор кој сака да раководи со светот, и им текнало да каже во име на сите останати кој е лошиот, кој треба да слушаме и со кој треба да соработуваме, иако тие пореметени препораки, наредби и носат на на нашата татковина уништено земјоделие, недостаток на лекови, високи цени на храна, енергија, сиромаштија и целосно бедно општество, посочува Тасковски.

Според него, родољуб, пред се размислува за доброто на Македонија, македонскиот народ и на сите лојални жители на нашата држава, а не да прави стратегии како да стане совршен во омилкувањето само за да остане на власт или истата да ја добие.

-Сигурен сум дека изјавите кои се даваат од било кој министер во владата на Македонија, во овој случај министерката за одбрана, не се совпаѓаат со нивните приватни размислувања и политики, истакнува Тасковски.

Сепка, оценува дека „македонската влада ништо не презема без да ги праша западните и стратешки партнери“, па така и во случајот со прелетот на руските авиони.

Европската унија на 27 февруари годинава го затвори својот воздушен простор за сите руски авиони, потоа приватни авиони во сопственост на руски државјани, како и авиони регистрирани во таа земја. Истото го направија и повеќето европски земји кои не се членки на унијата, вклучително и С. Македонија. Владата во Скопје воведе забрана за влез на руски авиокомпании во воздушниот простор на Северна Македонија, почитувајќи ги препораките на Брисел. Тогаш Владата ја задолжи АД во Државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ да ја отпочне постапката за спроведување на оваа одлука и да ги извести Европските воздухопловни власти за забраната.

Неспоменувајќи директно имиња Османи, рече дека очекува сите министри на земјите членки да дојдат на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје. Според него, одлуката на ЕУ за санкции за прелети на руски авиони не се однесува на настани од мултилатерален карактер како што е ОБСЕ. Во случај и да има позитивна одлука од нашето МНР, останува прашањето дали Лавров ќе дојде во земјава, бидејќи дозвола за прелет на руската делегација ќе треба да даде и Бугарија или Грција.

Н.П.

Слични содржини