Како дел од критичната инфраструктура, членовите на Владата треба да се вакцинираат после пратениците, можеби од следната недела па натаму. Сметам дека е добар сигнал, членовите на Владата и јавните личности да се вакцинираат со кинеската вакцина на „Синофарм“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче, во вечерашното интервју на „360 степени“.
Посочи и дека нема никаков проблем, ниту пак преферира некоја вакцина, и дека вакцината на „Синофарм“ е „сосем солидна“.
Додаде дека сите вакцини коишто се досега произведени овозможуваат 100% заштита кога се работи за превенција од смртен исход поради Ковид-19 или тешка форма на болеста,
– Точно е дека за некоја вакцина има детекција на анти-тела порано, за некоја нешто покасно, но кога се анализира ефикасноста и како тоа ќе се манифестира на целата пандемија, мислам дека допрва ќе видиме. Но, 100% е ефикасноста на сите вакцини коишто се во моментот на располагање, во смисла на заштита од тешка форма на болеста, односно смртен исход“, рече Филипче.