Лидерот на Република Српска, Милорад Додик, ги обвини САД, Европската унија и Велика Британија за тоа што Обвинителството на Босна и Херцеговина покренало обвинение против него, според кое, доколку биде осуден, може да добие и до пет години затвор.
Претходно во петокот Обвинителството на БиХ потврди дека Додик, заедно со директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ, е обвинет за кривично дело непримена на одлуките на високиот претставник.
Во БиХ тоа стана кривично дело бидејќи таква одлука донесе Кристијан Шмит на први јули, но Додик потоа потпиша указ со кој прогласува стапување во сила на законот за неизвршување на пресудите на Уставниот суд на БиХ за територијата на РС.
Шмит го поништи тој закон со одлука што ја донесе и на први јули.
Доколку Судот на Босна и Херцеговина ги потврди обвиненијата, на Додик и Лукиќ ќе им се суди, а доколку бидат прогласени за виновни, може да добијат казна затвор од шест месеци до пет години.
Осудата автоматски значи забрана за вршење функции во сите владини тела во Босна и Херцеговина.
Додик лично не го коментираше обвинението во петокот, но неговата канцеларија објави дека тоа е „креација на американската амбасада во Сараево и директно на амбасадорот Мајкл Марфи, како и на Велика Британија и ЕУ“ и дека единствената цел на обвинението е да се поништат институциите на РС избрани по волјата на народот на демократски избори.
Дополнително, од кабинетот на Додик велат дека „народот ја создал РС во крв, па нема да дозволи некој да му ја одземе“.
Поднесувањето на обвинението против Додик е важен чекор во воспоставувањето на владеењето на правото во Босна и Херцеговина, коментираат од американската амбасада во Босна и Херцеговина.
„Законите на БиХ важат за сите граѓани. Ниту еден поединец не е над законот. Очекуваме институциите на Босна и Херцеговина и сите граѓани да ги почитуваат релевантните процеси вклучени во почитувањето на тие закони“, се наведува во реакцијата.
Додик досега се соочуваше со низа истраги, од сомнежи за перење пари, односно купување вила во Белград, до негирање на геноцидот извршен во Сребреница, но ниту една од нив не доведе до обвиненија.