Додик не е загрижен поради санкциите: „Британија е непријател на српскиот народ“

од Nikola Popovski

Српскиот член на Претседателството на БиХ и лидер на владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) Милорад Додик ја обвини опозициската Партија за демократски напредок (ПДП) дека е британски огранок во БиХ и дека се воведени санкции за претседателката на Република Српска Жељка Цвијановиќ и него на барање на партијата.

„Станува збор за (високите функционери на ПДП) Јелена Тривиќ, Игор Црнадак, Бранислав Бореновиќ и Младен Иваниќ. Тие се нивни разузнавачки експоненти на подрачјето на Република Српска и санкциите се воведени, веројатно мислејќи дека ќе биде загрозена мојата кандидатура и кандидатурата на Цвијановиќ за одредени функции на следните избори“, рече Додик.

Тој оцени дека „не го загрижуваат многуте санкции“ што ги воведе денеска Велика Британија, додавајќи дека земјата „никогаш немала добри намери кон Србите и Република Српска“.

„Драго ми е што сум предмет на дебата меѓу Владата на Обединетото Кралство и тоа е голем успех. Без разлика што решиле. Второ, се што кажаа не е точно“, рече Додик.

Според него, Велика Британија е непријател на српскиот народ.

„Тие се стари манипулатори. Секогаш кога доаѓа овде некој британски амбасадор, тој доаѓа да работи против интересите на Србите и на Република Српска. Овде 200 години го прават истото, истото образование на тој амбасадор од пред сто години и тој што доаѓа сега“, нагласи Додик.

Тој смета дека Велика Британија сега се обидува да го „заштити нередот“, кој во БиХ го направи поранешниот висок претставник Педи Ешдаун.

„Тој масовно го прекрши Дејтонскиот договор, Уставот и сите одредници на кои ние се спротивставуваме“, изјави српскиот член на Претседателството на БиХ.

Обединетото Кралство воведе санкции за претседателката на РС, Жељка Цвијановиќ и српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, поради, како што е наведено, обиди за поткопување на легитимитетот и функционалноста на БиХ.

Слични содржини