Апелациониот оддел на Судот на Босна и Херцеговина ја отфрли жалбата на Милорад Додик против одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) со која му беше одземен мандатот како претседател на Република Српска, потврди Klix.ba. Ова значи дека Додик официјално повеќе не е на таа позиција, а ЦИК е должен да распише предвремени избори за претседател на ентитетот.
Да потсетиме дека ЦИК претходно донесе одлука за прекин на неговиот мандат, но таа можеше да стапи на сила дури откако ќе стане конечна, или потврдена од Апелациониот оддел на Судот на БиХ. Денешната одлука конечно утврди дека Додик повеќе не е претседател на Република Српска.
Иако адвокатите на Додик тврдеа дека постојат законски причини одлуката да биде поништена, судот ја отфрли нивната жалба. Со ова се отстрани последната пречка за распишување предвремени избори во ентитетот Република Српска.
Додик, сепак, претходно денес од Бања Лука најави дека референдум ќе се одржи на крајот на септември, на кој граѓаните на РС ќе треба да одговорат дали прифаќаат дека високиот претставник во БиХ донесува одлуки и дали ја признаваат пресудата со која е отстранет.
Во истото обраќање, Додик рече дека нема да има предвремени избори во РС, иако сега е јасно дека ЦИК ќе биде должна да ги распише.
Дополнително, тој најави втор референдум во рок од 90 дена од првиот, овој пат за отцепување на ентитетот, нешто што Додик го повторува со години, но досега никогаш не го спроведе.