Додик праќал писма до Трамп, но не добил никаков одговор

од Nikola Popovski

Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, изјави денеска дека испратил неколку писма до американскиот претседател Доналд Трамп, а последното било во врска со преместувањето на Амбасадата на БиХ од Тел Авив во Ерусалим. Сепак одговор од Трамп се уште немало, соопштуваат балканските медиуми.

„Му напишав на Трамп неколку пати и ќе продолжам да пишувам. Неопходно е да се знае дека постои една политика на претседателот во САД, но и остатоци што претседателот не можел да ги победи – длабоката држава“, изјавил Додик на конвенцијата на неговата партија СНСД во Бања Лука, објави регионалната телевизија Х1.

Тој рече дека во неговото последно писмо, датирано од 9 септември, „ја поздравува иницијативата на Трамп за нормализирање на односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати“ и дека го информирал американскиот претседател дека како „српски член на Претседателството на БиХ“ сака да придонесе за неговата иницијатива да се премести амбасадата на БиХ од Тел Авив во Ерусалим.

Тој изјави дека на тој начин сака „БиХ да го следи примерот на САД“.

Додик смета дека неговата иницијатива требаше да биде поддржана од уште двајца членови на Претседателството на БиХ, но тоа не се случи.

На прашањето дали Трамп некогаш одговорил на писмата што му ги испратил, Додик рекол дека „одговорот е однесувањето, ставовите и сè помалку мешањето на странците во БиХ“.

Слични содржини