Пратеникот од СДСМ и екс-министер, Љупчо Николовски тврди дека првите 100 дена на Владата не ветуваат дека земјата оди во правилна насока. Според него, нема тим во Владата и оттаму немаме јасна стартегија што е тоа што се прави.
Во гостувањето на вестите на Тв Сител, пратеникот порача дека владата на ВМРО-ДПМНЕ не го исполни ниту ветувањето за повисоки плати, а нема ништо и од ветените инвестиции.
„Имаме за прв пат намалување на просечната плата, нема зголемување на минималната плата, нема ниту една нова инвестиција којашто е изменаџирана токму од новата власт, освен оградата на Владата, споменикот на Ќосето, заемот од Унгарија и прешалтувањето кон исток и разграничување со ЕУ. Ние ја внесовме државата во НАТО и следната стратешка цел беше ЕУ. И тоа е сон на сите генерации. Сега во првите 100 дена го имаме најголемото разочарување, гледаме дека Владата не ни сака да го задржи патот кон ЕУ. Доколку не одиме кон ЕУ, која е другата алтернатива на премиерот Мицкоски?“, рече меѓу другото Николовски.
Повеќе од 100 започнати и реализирани проекти, за 2.500 денари зголемени пензии, бесплатни учебници, проширена позитивна листа со 87 генерички лекови. Мицкоски со отчет за сработеното за првите месеци од мандатот. Новите странски инвестиции, како и 250 милиони евра поддршка за општините – наведени меѓу клучните успеси на владата.
Мицкоски дециден, кадровски грешки имало, но тие се исправени по реакција на граѓаните. Сега е задоволен од работата на кабинетот. За да оди државата напред, вели премиерот, потребна е силна опозиција со која ќе има натпревар на идеи.
Членство во ЕУ да, но не по секоја цена. Мицкоски вели дека Владата нема да преземе чекори кои се спротивни на националните интереси и кои водат кон понижување и срам. Според него, апсолутно е можно да се стане полноправна членка на Унијата со крената глава.
Откако Владата не доби ниту еден предлог за реформирање на правосудството, во соработка со експертите ќе се работи на акциски план кој ќе значи промени и зголемена доверба во судството и обвинителството.