Анализата на Телма и МЦМС покажува дека ако утре има избори, СДСМ би победиле на нив со минимална разлика.
На прашањето: „Доколку утре се одржат Парламентарни избори, за која партија би гласале?“, 18,6% од испитаниците рекле за СДСМ, а 18,1% ја избрале ВМРО-ДПМНЕ. Разликата меѓу најголемите партии е во рамките на статистичка грешка. Ова е историски ниска поддршка на овие две политички партии која од ноември 2016 година, кога поддршката за ВМРО-ДПМНЕ беше 19,4%, не се спуштила под 20%. Во албанскиот политички блок, во водство е ДУИ (6,7%), по нив се Алијанса за Албанците (4,6%) и БЕСА (2,4%). Најголем скок во рејтингот има
кај Левица 6,3%, односно 5,7 процентни поени повеќе од јуни 2020 година.
Граѓаните во Македонија немаат доверба ниту во партиските лидери, констатираат од МЦМС. Иако малцинска, најголема доверба граѓаните имаат во Зоран Заев (39,7%), потоа е лидерот на Левица, Димитар Апасиев (29,7%), а веднаш потоа се е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски (28,3%) и лидерот на ДУИ, Али Ахмети (15,5%), стои во соопштението на МЦМС..
За МЦМС и Телма, анкетата е спроведена од М-проспект преку телефонска анкета во периодот од 16 до 24 декември 2020 година. Анкетата е направена на национално репрезентативен примерок од 1000 испитаници постари од 18 години.