Доколку возач на ЈСП стори прекршок, казната ќе ја плати од свој џеб

-Онаму каде што се уште не може да се утврди кој го возел возилото,, одговорноста оди кај шефот на возен парк, информира градоначалникот Ѓорѓиевски

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: Принтскрин

Прекршоците што ќе ги сторат возачите на ЈСП Скопје во сообраќајот, ќе си ги плаќаат самите – ова го изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Според него, во сите јавни градски претпријатија, одговорноста е кај тој што го вози возилото.

-Целиот трошок ќе биде на сметката на тој кој што направил прекршок. Онаму каде што се уште не може да се утврди кој го возел возилото, дали е тоа механизација, лесно или патничко возило, одговорноста оди кај шефот на возен парк односно овластениот за да раководи со возилата, додаде градоначалникот.

Во истата линија, градот најави и поставување мерачи на гориво и ГПС-уреди, со цел да се детектираат и спречат злоупотреби поврзани со потрошувачката на нафта кај тешката механизација и автобусите. Пораката е дека системот треба да алармира и за најмали отстапувања, како сигнал за можна кражба или нерегуларности.

-Ќе бидат поставени и мерачи специјални што и едно литро да покаже поголема потрошувачка, дали е на патничко или е на тешка механизација возило, веднаш ќе алармира во систем и ќе се прави проверка дали е до дефект или пак е за потенцијална злоупотреба на возилото, одговори Ѓорѓиевски.

Контекст за потегот е воведувањето на „Сејф Сити“ како систем што автоматски детектира прекршоци преку камери. МВР најави дека од 1 февруари 2026 системот стартува со санкционирање прекршоци детектирани на критични точки, при што во првата фаза се таргетираат неколку типични прекршоци, меѓу кои поминување на црвено, возење над дозволена брзина, непрописно паркирање и управување нерегистрирано возило.