Доксевски: „Браќа Манаки“ и Битола една недела ќе бидат центарот на филмски случувања во светот

Ќе бидат пречекани великани, оскаровци, врвни автори како Дариус Конџи, Воли Фистер и Семи Капланоглу.

од Бисера Трајковска
29 прегледи

Во Битола утре почнува 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Според директорот на фестивалот Димитрија Доксевски, градот една недела ќе биде центарот на филмски случувања во светот. Ќе бидат пречекани оскаровци и врвни автори како Дариус Конџи, Воли Фистер, Семи Капланоглу.

Фестивалот ќе биде отворен со филмот „Мајка“ во режија на Теона Стругар Митевска, кадриран од кинематограферката Виржини Сен-Мартин (SBC), составен дел од официјалната конкуренција за наградата Златна Камера 300. Филмот е инспириран од животот на Мајка Тереза, односно ја следи пресудната недела од 1948 година, кога Мајка Тереза го напушта манастирот во Калкута за да го основа редот на Мисионерките на милосрдието.

Целосно подготвени и возбудени го започнуваме 46. издание на првиот и најстар фестивал на филмска камера во светот, во полн сјај. „Браќа Манаки“ и Битола, една недела ќе бидат центарот на филмски случувања во светот. Ќе пречекаме великани, оскаровци, врвни автори како Дариус Конџи, Воли Фистер, Семи Капланоглу, нашите лауреати. Тие ќе одржат мастеркласови, ќе престојуваат во Битола и ќе се дружат со нас за време на фестивалот, рече денеска на прес конференцијата во Битола, директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Димитрија Доксевски.

Во главната програма не очекуваат филмови што доаѓаат од храмовите на светскиот филм Кан, Венеција, Берлин- и кои носат со себе свежина во визуелниот јазик, естетска извонредност и авторска совест што зборува за времето во кое живееме.

Фото: ИФФК „Браќа Манаки“

-Оваа година имаме огромна бројка на акредитирани гости кои ќе присуствуваат во Битола за време на целиот фестивал. Исклучителен избор на филмови од официјалните програми. Имаме филмски ремек- дела кои се дел од специјалните проекции. Исклучителни гости кои ќе бидат дел од работилниците,, предавањата и панелите на кои ќе говорат докажани и еминентни автори, рече Доксевски.

Фестивалот ја враќа и програмата Макпоинт, зошто македонската продукција заслужува да биде гледана и препознаена.

-Макпоинт програмата има одлични македонски филмови кои публиката ќе може да ги гледа под отворено небо на платото пред Офицерскиот дом во Битола. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на целата логистика и помош од Битола. На директорите на Центарот за култура-Битола, Кино Манаки, Офицерскиот дом и сите вработени. Со овие институции договоривме за време на фестивалот за сите проекции на филмовте студентите да имаат 50 % попуст, со цел младите да можат да проследат што повеќе филмови за време на фестивалот. Да сонуваме филмски наредниве седум дена и да уживаме во еден од најубавите фестивали, нашиот „Браќа Манаки“, рече Доксевски.

На прес-конференцијата се обрати и Бранкица Толевска, раководител на бизнис трансформација, корпоративна стратегија и корпоративни комуникации во А1 Македонија, кои се генерален спонзор на фестивалот. Тие препознаа квалитет и несебично го поддржаа.

-А1 Македонија од оваа година застанува зад фестивалот „Браќа Манаки“ како генерален спонзор, како партнер на фестивалот. Самата програма на фестивалот говори на неговиот квалитет и сакам да подвлечам дека сме горди што сме партнери. Но, имаме и одговорност и ќе се трудиме да го подигнеме фестивалот на уште повисоко ниво. Благодарам на филмаџиите, на директорот на фестивалот и целата организација на „Браќа Манаки“ што ни дозволија да го живееме овој сон на платно, рече Толевска и посака успешни фестивалски денови.