ДОМ: Владата ги заборави работниците!

Министерството за здравство објавува препораки без рокови и обврски за нивно спроведување, додека Владата не излегува со ниту една одлука што ќе го гарантира правото на безбедна и здравствено прифатлива работа при температури од над 40°C.

од Vladimir Zorba
21 прегледи

Демократска обнова на Македонија (ДОМ) остро реагира на катастрофалното однесување на владејачката коалиција во услови на екстремен топлотен бран. ДОМ ги предупредува институциите дека не може веќе да се прикриваат зад општи соопштенија од Министерството за здравство без конкретни и обврзувачки мерки. Оваа неодговорност става во животна опасност илјадници граѓани и работници ширум државата.

„Секој ден следиме како Министерството за здравство објавува препораки без рокови и обврски за нивно спроведување, додека Владата не излегува со ниту една одлука што ќе го гарантира правото на безбедна и здравствено прифатлива работа при температури од над 40°C. Ова фијаско мора да престане – не е доволно да се советува „пијте повеќе вода” додека луѓето колабираат од топлотен удар.

Особено алармантна е судбината на работниците на отворено: градежните работници, земјоделците, лицата што работат на патарините, пазарџиите. Тие се оставени сами на себе без обврзувачки паузи, без обезбедена вода и без заштитна опрема. Ниту Трудовиот инспекторат нема јасни упатства, а инспекторите не смеат да казнуваат без конкретни законски рамки. Ова е срамота за правната држава.

Не помалку загрижувачка е ситуацијата на вработените во просториите без клима или инфраструктурните објекти кои го „игнорираат” топлото време: работниците во магацини, хигиеничарите, вработените во угостителските објекти. Тие работат во неиздржливи услови на загреани простории каде температурите често надминуваат 35°C, без никаков законски пропис што ја регулира должината на работното време или задолжена инсталација на вентилатори и тела за ладење.

Зелената партија ДОМ бара итно донесување на национален акциски план за заштита од топлотен стрес: задолжителни дневни прекини при температура над 30°C, обврзувачка инсталација на вентилатори или клима-уреди во јавни и деловни објекти без ладење, редовна дистрибуција на вода и „сенка” на градилиштата, како и зајакната контрола и казнени мерки за непостапување по овие правила. Ако Владата не делува веднаш, ДОМ нема да остане мирен набљудувач, туку ќе бара одговорност на сите нивоа“, соопштија оттаму.

Слични содржини