Доналд Трамп Јуниор сведочеше во судскиот процес против неговиот татко

од Stefanija Kuzmanovska

На судењето во Њујорк, Доналд Трамп Јуниор се обиде да се дистанцира од финансиските малверзации за кои му се суди на неговиот татко, поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Најстариот син на Трамп е првиот член на семејството кој сведочеше во граѓанската тужба. Во четврток се очекува да сведочи неговиот помлад брат Ерик, а следната недела на суд треба да се појават Трамп и неговата ќерка Иванка.

Доналд Трамп Јуниор (45) беше љубезен и духовит откако неговото сведочење беше одложено додека адвокатите на Трамп испрашуваа претходни сведоци, пренесува The Guardian.

„Требаше да се нашминкам“, се пошегува тој додека фотографите го фотографираа пред да сведочењето. Кога побарале да зборува побавно, Трамп Јуниор му рекол на судијата: „Се извинувам, почитуван. Се преселив на Флорида, но го задржав темпото на Њујорк“.

На Трамп Јуниор му беа поставени низа прашања за улогите што тој, неговиот татко и поранешниот финансиски директор на Трамп, Ален Вајселберг, ги имаа како доверители на Revocable Trust на Доналд Трамп.

На прашањето дали неговиот татко сè уште е доверител на фондот, Трамп Јуниор рече: „Не се сеќавам“.

Тој тврдеше дека не памети многу, вклучително и зошто накратко дал оставка во 2021 година, по што се вратил во фондот.

Навел дека има автономија да прави што сака, но дека се консултирал со Вајселберг и други.

Доналд Трамп Јуниор е извршен потпретседател во организацијата на Трамп и исто така е обвинет во овој случај.

Поранешниот американски претседател е обвинет за фалсификување и преувеличување на вредноста на својот имот со цел да ги измами банките и осигурителните компании. Оваа акција е една од многуте кои се спроведуваат против Трамп, наведе „Гласот на Америка“.

Тужбата беше поднесена од њујоршкиот јавен обвинител Летиција Џејмс и ги обвинува Трамп, неговите синови Доналд и Ерик и нивните семејни бизниси за зголемување на вредноста на имотот за да добијат подобри услови за заем.

Слични содржини