Американскиот претседател секојдневно се расправа со своите противници, некогаш и со удари под појасот. Притоа користи расистички и сексистички шаблонски размислувања, што е дел од неговата стратегија, пишува Мартин Муно во коментарот за Дојче Веле.
Веќе сме навикнати на разни „испади“ на 45-от претседател на САД. Но, тоа што Доналд Трамп вчера го исчука во својот Ајфон е невообичаено дури и за политичар познат по навреди и шиканирања. Трамп побара од повеќе демократски политичарки со миграциска позадина да си се врателе во татковините. Не наведе имиња, но беше јасно на кого алудира: група млади пратенички кои моментално привлекуваат внимание во Претставничкиот дом, имено Александрија Окасио-Кортез, Ајана Присли, Рашида Тлаиб и Илхан Омар. Три од нив се родени во САД, само Омар е родена во Сомалија. Медиумскиот напад е точно пресметан, што се однесува до тајмингот и содржината. Напишан е дента за кога Трамп најави големи рации против лица без регулиран престој во САД – и само неколку дена откако мораше да се откаже од идејата на следниот попис да стави и прашање за тоа кој е, а кој не граѓанин на САД.
Расизам зачинет со сексизам
Во суштина пораката на Претседателот гласи: „Вие не сте дел од нас, Вие не му припаѓате на „народот на Соединетите Американски Држави.” Или уште поедноставно: не сте белци, бришете да ве нема!
Содржината на неговите твитови е насочена кон постојаната база на гласачи на Трамп – стари мажи, белци. Гледаме претседател кој една и пол година пред следните претседателски избори е веќе во изборна кампања. Колку повеќе се приближува изборниот датум, толку повеќе Трамп се радикализира. Сѐ појасно се гледа дека неговиот проект „Америка повторно да се направи голема“ е заснован на исклучување – сите кои не се белци и жените треба да се вратат онаму од каде што дошле. За САД, кои интеграцијата ја издигнаа на ниво на државна филозофија, тоа е вистинска катастрофа.