Лекувањето во странство стана систем на желботеки, вели директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Ден Дончев, по ревизорскиот извештај за работата на Фондот за минатата година во кој кој даде сериозни забелешки за упатување на пациенти на лекување во странство, а една од нив е дека премногу се одолговлекува постапката и дури во 30 отсто од случаите бил пробиен законскиот рок од 45 дена за носење на решението.

„Чекањето и одолговлекувањето на постапката не е во Фондот, особено последните 10 месеци. За да може да поднесат барање, треба да имаат конзилијарно мислење од тројца доктори од клиниките и ние не можеме да одобриме лекување ако ги нема потребните документи. Според законските одредби, прво мора да се провери дали таа здравствена услуга може да ја добие во земјава, а потоа да се види во најблиската здравствена установа во странство и по најповолна цена“, вели Дончев, напоменувајќи дека овој извештај се однесува за минатата година и дека тој на функцијата директор во ФЗОМ дојде лани во август.
Во извештајот на Државниот завод за ревизија стои дека ФЗОМ лани платил 394,6 милиони денари за лекување во странство, а дека во случаите каде се одолговлекла постапката за носење на одлуката влијаеле повеќе фактори, односно поради тоа што за лекување во странство во прв степен одлучуваат и првостепена и второстепена комисија и поради незвршени подготвителни активности од клиниките и можноста комисиите да бараат дополнителни документи и извештаи. Во извештајот на ДЗР стои и дека ФЗОМ нема повратна информација и анализа колку од здравствените услуги во странство се успешни и дали лекувањата се завршени или не, туку сметководството директно ги исплаќа средствата.
„Не е проблемот во комисиите. За итни случаи одлуките се носат во рок од 48 часа и никого не сме оставиле да чека. Многу малку од барањата се одбиени, а жалбите најчесто се околу изборот на болницата. Ние имаме лимитирани средства и не може да исполнуваме желби на родителите или осигурениците. Ова е многу сензитивна работа, не би сакал погрешно да ме разберат. Ги разбирам и родителите, бидејќи ја изгубија довребата во јавното здравство и дозволивме да се создаде систем на желботеки. Секој родител го сака најдоброто за своето дете, но тоа не значи дека ако за иста и квалитетна здравствена услуга му се одобри на пример лекување во Турција, треба да инсистира лекувањето да биде во некоја од западноевропските земји. Таму и цените се многу повисоки “, рече Дончев.
Во буџетот на ФЗОМ за оваа година за лекување во странство предвидени се 9 милиони евра./SDK
Целиот текст прочитајте го тука