Информацијата дека поранешниот градоначалник на Охрид и пред мандатот, прв човек на Кардилошкиот центар во Охрид, Никола Бакрачески, ги зовре социјалните мрежи, а со реакција се јави и новопоставената директорка во Центарот, Гордана Доневска.

Поранешниот градоначалник на Охрид, Бакрачески, по враќањето во Заводот за кардиологија, откако му заврши мандатот во локалната самоуправа, е распределен на позиција раководител на одделението за срцеви аритмии. Назначувањето на новото работно место јавноста го прими како негово деградирање, бидејќи како искусен интервентен кардиолог, сега бил поставен да работи во одделение во кое се вршат само прегледи.
По објавувањето на информацијата, реагираше и самиот д-р Бакрачески, кој на својот профил на Фејсбук напиша дека информацијата не била дадена по негова иницијатива, ниту по негова желба.
– Јас немам предрасуди да извршувам професионални обврски на која било позиција во институцијата во која работам. Сум се обучил за сите можни процедури и постапки кои се изведуваат во Заводот па и во делот на аритмиите, и ништо не ми пречи. Напротив, сè би работел со љубов и задоволство. И тоа е задача и обврска на секој еден добро обучен и комплетен кардиолог. Впрочем, и кога бев само раководител на Oдделот за интервентна кардиологија, на целокупната работна единица заедно со интензивната нега и ургентната амбуланта, но и како директор на институцијата, без разлика што моето примарно место, примарна беше интервентната кардиологија, иако, повремено според потребите ги обавував и скоро сите останати инвазивни и неинвазивни процедури и методи кои се изведуваат кај нас – напиша Бакрачески.
Бакрачески додава дека неговата определба за кардиологијата е трајна, како што е трајна и определбата за постојано усовршување, континуирано едуцирање и усвојување на нови процедури.
– Јас знам каде е моето место, каде би бил најкорисен, најкомпетентен и од најголема помош за институцијата и пациентите. Други не мислат така, и тоа е нивно право. Но ќе повторам – тоа нема да го коментирам. Но тогаш кога јас одлучував не постоеше термин „партиска припадност“ или „партиски реваншизам“ во лексиконот на институцијата. И тоа можат вработените да го потврдат а останатите да го проверат. Постоеше само знаење, степен на стручна подготовка, квалификации и вештини кои се владеат. Затоа што знаев дека со здравјето на пациентите не може и не смее да се импровизира. А, колку беше исправно говорат бројките, стапките на морталитет и морбидитет, волуменот на работа, растот и развојот на институцијата и се разбира најважното – задоволството на пациентите – напиша Бакрачески.
На Бакрачески, исто така преку Фејсбук, му одговори актуелната директорка на Заводот за кардиологија, Гордана Доневска. Таа тврди дека нема никаков реваншизам во случајот со Бакрачески.
– Повикана, индиректно, после сите колумни и коментари на порталите, чувствувам потреба да дадам неколку објаснувања. Никој во ниту еден момент не ја оспорил стручноста на д-р Бакрачески, ниту го деградирал, или имал намера да го стори тоа, иако тоа е карактеристика својствена за него. Бакрачески за првпат после 3 недели и тоа телефонски после моето назначување за директор во август месец ми го честиташе изборот и тоа со заканувачки тон во смисла да ми даде добронамерни совети за „мое добро“ – напиша Доневска.
Таа објаснува дека со престанување на функцијата градоначалник Бакрачески писмено се обратил дека ќе ја продолжи својата работа во Заводот, која му била во мирување и согласно законските прописи, степенот на неговото образование е распределен уште од тој датум како раководител на Одделот за аритмии.
– Тоа не е со цел за негова деградација, туку од единствена причина што во тој момент, според постоечката систематизација на работни места во Заводот, која тој во текот на неговото директорување ја составувал, беше единствено слободно раководно место на кое тој, во тој момент, можеше да биде распределен. Поставувањето како раководител на овој оддел не значи и забрана за докторот да работи во другите оддели, меѓу кои и во одделот за интервентна кардиологија во која денес, кога ги давал изјавите за порталите, всушност, и беше распределен и работеше – пишува Доневска.
Според неа, д-р Бакрачески никогаш не работел и не знае да работи во Одделот за аритмии. Таа не се согласува дека по хиерархија овој Оддел е на најнизок ранг и смета дека сите оддели во Заводот се со подеднаква важност.
– Како директор на Заводот, сум посебно горда што во него работи стручен тим, од специјалисти интернисти, субспецијалисти кардиолози, и самата сум дел, додека континуираниот развој на Заводот е препознатлив не само на територијата на Република Македонија, туку и во соседните земји. Тоа го подразбирам како резултат на стручната работа на целиот тим, а не само на поединци кои се самопромовираат не бирајќи начини – напиша д-р Гордана Доневска, директорка на Заводот за кардиологија во Охрид.