Денес Град Скопје, заедно со ЈП Комунална Хигиена – Скопје и Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ, потпишаа договор за донација на 60 контејнери за стаклена амбалажа во Центарот за селекција на отпадот во Карпош.
Оваа донација се спроведува во рамки на проектот „Управување со отпад од стаклена амбалажа на Западен Балкан“.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, посочи дека со овој проект се обезбедени
120 контејнери за стакло, имајќи ги предвид претходните 62 кои се веќе распоредени низ градот Скопје, од пред неколку месеци.
„Овие 60 контејнери ќе бидат распоредени во општините Гази Баба и Аеродром. Целта е со зајакната отпадна инфраструктура да се делува кон подигнувањето на свеста на граѓаните за рециклирање на стаклото како амбалажен материјал. Дополнително, со тоа ќе се овозможи ангажирање на експерти кои ќе го следат целиот процес, и кои што ќе развијат соодветен метод за рециклажа на стакло кој што во иднина ќе биде применлив и во вакви средини како што е Град Скопје“, истакна Шилегов.
Меѓудругото, тој ги повика граѓаните да се вклучат масовно и да ги собираат шишињата, теглите и другите стаклени пакувања од своите домови со цел да ги фрлат во овие контејнери и посочи дека градот ќе ја продолжи ваквата политика и ќе ја надградува инфраструктурата со контејнери не само за стакло, туку и за пластика и хартија.
Душица Перишиќ пак од ЗЕЛС, на настанот сподели дека се завршени примопредавањата на контејнерите во сите општини.
„Се надеваме дека во наредните две години, следејќи ги резултатите од она што е собрано, ќе видиме дека сме ја постигнале бараната граница со проектот, дека 20 проценти е зголемен процентот на собирање стаклена амбалажа, а, потоа, ќе одиме и со погорни граници, надевајќи се дека и нашата земја ќе стане земја која рециклира и правилно знае да управува со отпадот, имајќи предвид дека на едно стаклено шише му е потребно 5000 години да се разложи во целост, и знаејќи дека со користење на овој процес на рециклажа, штедиме и енергија и водовод и овозможуваме поздрав живот за сите“, посочи Перишиќ.
Од ЈП Комунална хигиена Скопје велат дека во текот на 2020 година, во центрите на претпријатието биле транспортирани над 465 тони стакло и се надеваат дека годинава, овој тренд уште повеќе ќе се подобри.
„Примарната селекција резултира со зголемена ефикасност при собирањето и транспортот на отпадот, односно повисок степен на рециклирање и негова понатамошна реупотреба, но она што е најзначајно е дека придонесува значително да се намали количеството комунален отпад што завршува на депониите. Апелираме до жителите на градот Скопје примарно да го селектираат својот комунален отпад и на тој начин да придонесат за одржувањето на една почиста и поздрава животна околина“, вели директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.
Тој апелираше до жителите на градот Скопје примарно да го селектираат својот комунален отпад и на тој начин да придонесат за одржувањето на една почиста и поздрава животна околина.