Дваесетина доверители, меѓу кои и Управата за јавни приходи, Пошта на Северна Македонија и неколку банки, како и 124 поранешни вработени во контроверзната фирма „Секјуриком“ на бегалецот од правдата, австриецот Влофганг Гампер денеска на рочиштето во Основниот граѓански суд во Скопје со мнозинство се изјаснија позитивно за планот за реорганизација на фирмата, доставен од Еуростандард банка.
Против оваа одлука беше единствено УЈП, па според побарувањата, гласањето беше 74,46% „за“ и 25,54% „против“ реорганизација на „Секјуриком“. Салата беше полна со адвокати и претставници на фирми на кои австриската компанија им останала должна, а кои со куп документи беа присутни на судењето.
Стечајниот управител на „Секјуриком“ Живко Калков се јави за збор, барајќи да се каже кои се фирмите кои писмено доставиле согласност за реорганизација, но беше прекинат од судијката која го води случајот, а која кажа дека ќе се знае кој е „за“, бидејќи ќе се гласа во судницата. По изјаснувањето на адвокатите и претставниците на фирмите – доверители, судијката кажа дека се прифаќа реорганизација на „Секјурком“ и побара во рок од 45 дена да се достави план за реорганизација.
Австрискиот гигант „Секјуриком“ се најде во оваа состојба откако по шеснаесетгодишното добивање на тендери од Службата за општи и заеднички работи, конечно други фирми ги добија тендерите за чистење, тековно одржување, дактилографски услуги и обезбедување на државните објекти, а потоа Управата за финансиско разузнавање обелодени криминал тежок 11 милион евра. Во случајот освен фирмата, опфатени се ексдиректорот на СОЗР, Васе Доневски и сопственикот на „Секјруиком“, Волфганг Гампер, а кои се обвинети дека ја злоупотребиле службената должност и направиле штета на државниот буџет. На Гампер му беше одземен пасошот како мерка за обезбедување на присуство, но тој нелегално ја напушти државата и да се врати во родната Австрија, каде сега слободно се движи.
Името на „Секјуриком“ одекна и на судењето за случајот „Титаник“, кој го отвори СЈО, а кој се однесува на незаконското финансирање на сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во обвинението се наведува дека „Секјуриком“ заедно со уште неколку фирми за време на предизборната кампања во 2011 година платиле за подлоги за компјутерски глувчиња, подметачи за чаши, но и за услуги за бина, звучници и рефлектори во вкупен износ од 3.120.770 денари, сума која три фирми ја поделиле, но со тоа избегнале да се пријават како донатори во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ.
Александар Тодески