Дови најбрз на првиот тренинг пред ГП на Австрија

од Vladimir Zorba
91 прегледи

Пилотот на Дукати, Андреа Довициозо го постави темпото во првиот тренинг од МотоГП викендот во Австрија. Неговиот тимски колега, Хорхе Лоренцо го освои второто место и даде најава тимот да се бори за двоен подиум оваа недела. Трети остана уште еден пилот на Дукати – Данило Петручи, кој ќе го замени Лоренцо следната година во фабричкиот тим.

Уште во раната фаза на 45-минутната сесија ветеранот во шампионатот Валентино Роси изгуби време, бидејќи доби технички проблем и мораше да го смени мотоциклот. Тоа го чинеше околу десет минути и на крајот остана 11-ти.

Со голема шанса за дожд во вториот тренинг попладне и третиот утре наутро, пилотите се фокусираа суштински на времињата. Ако прогнозата сепак не се оствари, многу е веројатно рекордот за обиколка на „Ред Бул Ринг“ во МотоГП да биде подобрен. Во првата тренинг сесија, Дови остана на само седум десетини од секундата од него.

Шампионот Марк Маркез поведе во почетокот на тренингот, но 25 минути по лансирањето Дови започна да демонстрира брзина. На крајот Марк остана четврти зад трите мотоцикли на италијанскиот тим и на заостанување од 0.581 секунди од Довициозо.

Зад него се нареди сопственикот на рекордната обиколка во Австрија, Андреа Јаноне (Сузуки), следен од пилотите со Хонда – Дани Педроса и Кал Крачлоу.
Со осмото место, Тито Рабат постави и четврти италијански мотор во топ 10.

Тимскиот колега на Роси, Маверик Вињалес остана на 10. место.

Слични содржини