Дождот спас за плашицата во Студенчишкиот канал

од Марта Пешевска
146 прегледи

Врнежите од дожд што ноќеска го зафатија охридскиот регион ќе ја подобрат неповолната хидролошката состојба што резултираше со драстично намалување на нивото на водата на Охридското Езеро. Дождот секако ќе придонесе и за подобрување на ситуацијата во Студенчишкиот канал каде изминатите денови плашицата и другата риба се задушуваше поради недоволното количество кислород во водата.

Неповолните услови за живот на рибата во каналот наложи дел од охридските јавни претпријатија да преземат активности во рамки на можностите за подобрување на ситуацијата. Во текот на вечерните часови екипи на ЈП „Охридски комуналец“ со цистерни претуриваа вода во најзагрозените делови на каналот, се со цел да и се достави свежа вода богата со кислород на рибата што веќе манифестираше вознемиреност и невообичаено однесување, симптоми карактеристични за т.н. асфикација односно задушување.

Претходно Општина Охрид нареди исклучување на пумпите за вода од каптажата „Билјанини Извори“ наменети за потребите на ЈП „Водовод“ и пренасочување на водата во Студенчишкиот канал. Надлежните општински власти неодамна побараа и од надлежното Министерство за транспорт и врски да преземе итни мерки за спречување на натамошно намалување на водостојот на нивото на Охридското Езеро, пред се преку намалување на истекот на вода од езерото во сливот на реката Црн Дрим.