Актуелно
Почетна / Македонија / Дозволи за движење во полициски час од денеска преку порталот uslugi.gov.mk

Дозволи за движење во полициски час од денеска преку порталот uslugi.gov.mk

Министерството за информатичко општество и администрација од денеска пушти во употреба нова електронска услуга за секој граѓанин да се пријави за потребна дозвола за движење во време на забрана, преку порталот uslugi.gov. mk, наместо како досега со праќање мејл до МИОА.

Министерот Дамјан Манчевски на сесија за прашања и одговори за ограниченото движење соопшти дека треба да се пополни барање (унифициран електронски образец) каде што ќе наведе причина зошто бара дозвола и ако е потребно, да прикачи доказ, на пример ако е за грижа за друго лице – медицинска документација.

Дозволата ќе му се издаде електронски на мејлот на лицето што ја бара и нема потреба од физичко доаѓање. Може и на мобилен да ја покаже ако му биде побарана за проверка, нема потреба да ја печати. Дозволите имаат код кој полицијата може да го скенира и да провери во регистарот на МИОА дали е дозволата вистинска.

-Целосно сме заштитени од злоупотреби. Ова е автоматизирана постапка и лесна за граѓаните, рече Манчевски.

Информираше дека од денеска има и уште една нова категорија дозволи – за регистрирани одгледувачи на кучиња за секојдневно хранење на животните, а кои не ги чуваат дома. За одгледувачите ќе имаат списоци преку Кинолошкиот сојуз.

Манчевски во сесијата прашања и одговори потсети дека МИОА издава дозволи за движење на граѓани од различни категории за време на полициски час За поголем дел од компании самите работадавци даваат дозволи за своите вработени. Таа може да се користи само за движење од домот до работно место и назад.

-Доколку полицијата го провери и е надвор од таа релација, ќе има сериозен проблем. Затоа апелираме одговорно да се однесуваат при користење на дозволите, нагласи Манчевски.

Дозволите што ги издава МИОА се за неограничено движење и се однесуваат претежно на претставници на институциите што имаат потреба да се движат во забрана за движење, потоа за медиуми на терен (репортери), вработени во мали пекари т.е. производствени погони за храна со помалку од пет вработени, за вработени во погребални претпријатија, а преку подрачни единици на МЗШВ се добиваат списоци за категории земјоделци што имаат потреба да работат на нивните ниви. Исто така, има дозволи и за физички лица за нега на други лица што не можат сами да се грижат.

-Дневно ги менаџираме состојбите и донесуваме одлуки за да не остане ни една категорија граѓани да не можат да се движат, пред се за работни задачи, додаде министерот.

Соопшти и дека пријавите за достава на храна од страна на заинтересирани маркети и ресторани ќе оди преку општинските кризни штабови, а ги координира тело во Владата каде што за доставувачите се објавени контакти на сите општински кризни штабови.

loading...