ДПМНЕ не е ништо освен криминална партија која дејствува на штета на граѓаните и на државата. Последен доказ за тоа е случајот на Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) која констатирала неправилности и сега препорачува државата да ги врати парите, изјави Трајан Димковски – претседател на Комисија за земјодество, шумарство и водостопанство при СДСМ.
Како што информира Димковски, станува збор за проект од 2015 година вреден 660.000 евра за софтвер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во тој период министер во ресорното министерство е Михаил Цветков, а премиер на таа Влада преводена од ДПМНЕ е Никола Груевски. Во таа Влада советник за енергетика бил сегашниот шеф на ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна Димковски на прес-конференцијата.
Од СДСМ апелираат Обвинителството за гонење организиран криминал да постапи по овој случај и низ законска, судска постапка да бидат санкционирани сите за кои ќе се докаже дека се виновни, а потоа и парите да бидат вратени.
Овој случај на криминал освен што го има оштетено државниот Буџет, фрла дамка и врз репутацијата на нашата држава, која последниве години е лидер во регионот во искористеност на средствата од ИПАРД Програмите, рече Димковски.
Проект од 2015 година, вреден 660 000 евра, за софтвер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), е случајот за кој Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) констатирала неправилности и препорачала државата да ги врати парите.
Според информациите, истрагата за случајот на ОЛАФ е веќе завршена и има конкретен предмет со конкретни правни дејства. Предметот е доставен до Обвинителството за организиран криминал и висока корупција, а Министерството за земјоделство апелира случајот да биде комплетно расчистен.