Др.Пановски: Сертификатите се неетички – ги натераа на присилна вакцинација лицата со вакцина кој е доброволна

од Берта Китинска
1,K прегледи

Епидемиолошката сосотојба во земјата е стабилна, со континуран пад на бројот на новозаразени, хоспитализирани и починати, вели во разговор за „Локално“, проф.др. Никола Пановски.

Според него следен чекор кој бил треба да биде превземен од надлежните би требало да биде комплетно укинување на сертификатите и незадолжително носење маски во училиштата, додавајќи:

„Според мене веќе требаше да бидат олеснети овие две мерки“.

-Сертификатите прво, тие според мене се неетички уште кога се донесоа. Имено, забрануваат слободно движење на здрави луѓе. При епидемија треба да се забрани движење на болни. Второ, нивна цел е да ги натераат на присилна вакцинација лицата со вакцина кој е доброволна и за која самите присилно натерани лица наведуваат пред да ја примат, дека ја примаат доброволно и на сопствен ризик. Сосема неетички, и правно прилично сомнително. Трето, нивната цел била да се заштитат вакцинираните од невакицинираните!!! Поголема антикампања за вакцините не сум сретнал. Значи толку се добри вакцините, што вакцинираниот се плаши од невакцинираниот да не го зарази. Четврто, откога се виде дека и вакцинираните и невакцинирати и прележаните го шират вирусот подеднакво, особено кога се појави омикронот, образложението се измени. Сега е, да го заштитиме здравјето на невакцинираните, да не се инфицираат. Зошто да не се инфицираат, ако се млади, здрави, веќе прележани, со антитела итн. Не го пуштаме Новак Ѓоковиќ во Австралија да не ги зарази Австралијанците сега се промени во не го пуштаме за да го заштитиме од зараза. Ете со вакви невидени небулози се уште се расправаме, објаснува микробиологот.

За тоа дали постои начин да се мотивира сега населението за да се имунизира или веќе е уморно од мерки и кампањи, др. Пановски смета дека кај нас немало некоја кампања за да се мотивираат граѓаните, потенцирјаќи дека особено штетен бил самиот притисокот за вакцинација за лицата кои требале да се вакцинираат по 45 дена прележан ковид за да добијат сертификат.

-Кампањи јас не видов скоро воопшто од страна на Владата, последна кампања во која лично учествував беше летото од страна на ЕУ. Напротив имаше глорифицирање на вакцините, притисок за вакцинација преку сертификатите, особено беше штетна мерката прележаните да се вакцинираат по 45 дена ако сакаат сертификат. Тоа беше антикампања, со спротивен ефект, бидејќи беше ненаучна и не постоеше во ниту една земја во Европа. Сега, потегот за покана за вакцина е во ред, има некаков ефект. Кај вакцините, особено сега кога доминира омикрон варијантата, важно е да се вакцинираат постарите и хронично болните, смета тој.

Дали евентуалниот бран на бегалци од Украина може да ја разгори епидемијата со ковид, микробиологот вели дека во овие моменти и да се разгори тоа нема да се дознае поради сосотојбата во која се наоѓа земјата.

-Дефинитивно не. Веќе е четврта недела од конфликтот. И да ја разгори, нема да се дознае, на Украинците инфекцијата со ковид не им е во првите 10 приоритети и на крај памет не им е да се тестираат или изолираат. Ризикот од смрт, студ, глад и неизвсност за нивните домови, за нивната иднина ја тргна пандемијата од нивните размислувања., појаснува тој.


За оние кои енормно се збогатија од пандемијата ќе кажам „СРАМ ДА ИМ Е“

Новата хибридна варијанта, наречена „делтакрон“ е комбинација од делта и омикрон варијантите, телото на вирусот е од делта, а шилецот е од омикрон варијантата, објаснува Пановски.

Тој вели дека очекувано било особено во јануари годинава да дојде до вакви рекомбинации додека биле се уште присутни двете варијанти „делта“ и „омикрон“ .

-Не се работи за еден ентитет, тука мноштво на комбинации, меѓу кои најдена е и комбинација која содржи гени на делта, омикрон и делтакрон варијантата. Бројот на случаи е многу мал, така да е рано да се каже дали оваа варијанта го заобиколува имунитетот, дали полесно се шири, дали дава потешки форми. Секако, додека бројот е мал и случаите се бројат во десетици, нема, а се надевам и ќе нема причина за загриженост, но појава не нова мутација која би била загрижувачка не е исклучена, подвлекува докторот.

За тоа што научивем во овие скоро три години живеење во пандемија, Пановски потенцира дека најважната лекција е совладана „научивме кој е кој “ .

-За ова прашање треба многу време и простор за да се одговори. Навистина многу научивме и за вирусот и за болеста, и за реакциите на луѓето во време на криза. Најважно е дека научивме кој е кој. Овие со теориите на заговор кои инаку „се знаат“, не научија ништо, ниту некогаш ќе научат, затоа што „ знаат се“, во превод, не се свесни колку не знаат. Другите, „експерти“, слушаа и спроведуваа се, па и повеќе од тоа што ќе им каже СЗО и другите институции, па тоа во комбинација со политиката и бизнис интересите доведуваше до карамкаша од одлуки кои беа несфатливи, некорисни, па и штетни. За оние кои енормно се збогатија во овие две години, само ќе кажам „СРАМ ДА ИМ Е“. На сите останати живи или заминати на оној свет ќе кажам „СЛАВА ИМ“, подвлекува тој.

Б.М.

Слични содржини