Oваа есен проблем ќе имаат оние кои не се вакцинирани, предупредува директорот на Институтот за имуно-биологија, доктор Александар Петличковски. Во интервју за Телма, вели дека ситуацијата ќе се подобри кога 70 насто од населението ќе биде вакцинирано против ковид.
-Бројките се сериозни и загрижувачки, но не и изненадувачки. Затоа што сите најави кои доаѓаат за Делта сојот од соседните земји, па и од другите европски земји укажуваат дека се работи за исклучително заразна варијанта која многу лесно се шири и мора да се потенцира дека се шири најлесно меѓу неимунизираното население. Ова е уште еден важен момент дека луѓето кои се во болниците, имам информации од колегите кои ги разменуваме, дека се работи главно за неимунизирани луѓе кои пристигнуваат во болница, вели Петличковски.
Петличковски изјави дека и вакцинираните се под ризик за зараза, но овој ризик е поголем доколку се поминати шест месеци од втората доза. Многу помали се шансите лицето да се зарази во првите два или три месеца.
Токму поради тоа, тврди, одредени држави веќе тактички воведуваат трета доза, особено за луѓето кои имаат одредени проблеми со имунитетот.
Според него, по шест или осум месеци веќе треба да се размислува за трета доза вакцина кај овие лица.