2030 година е достижна цел за ново проширување на Европската унија, а со тоа и за членство на Македонија, ако државата продолжи со спроведување на реформите и ја следи Реформската агенда 2024-2027. Ова е ставот на поранешниот главен преговарач на Хрватска со ЕУ, Владимир Дробњак, кој потенцира дека резултатите се клучни.
На седница на Националниот совет за евроинтеграции, сите учесници се согласија дека политичкиот консензус е неопходен за успех. Претседателот на Советот, Венко Филипче, истакна дека е време за заедничка и посветена работа, без разлика на предизвиците.
Антонио Милошоски од Комисијата за европски прашања нагласи дека реформите мора да добијат поддршка и од опозицијата, а министерот за европски прашања Орхан Муртезани ја подвлече клучната улога на Собранието. Претставници на ЕУ и Швајцарија потсетија дека овие реформи одамна се дел од стратешките документи на државата и повикаа на конкретна акција. Заклучокот e дека Македонија не заостанува поради реформите, туку поради политички и идентитетски прашања. Сепак, ЕУ останува отворена и посветена на проширувањето, а шансата за членство е реална, но потребна е мобилизација на сите капацитети.