Државата не им издава лична карта на бездомници, а ги казнува ако немаат

од desk2
80 прегледи

Осумнаесетгодишна девојка од Скопје која живее како бездомник, годинава не успеала да извади лична карта, и покрај тоа што е државјанин на Република Македонија и има извод од матичната книга на родени. Случајот го пријавила во канцеларијата на Народниот правобранител, која отворила предмет и се обидува да го реши овој проблем на сите оние кои поради различни приичини останале без адреса на живеење, а потоа не можат да ги извадат потребните документи и да ги остварат своите права, пишува СДК.


„Со самото тоа што оваа граѓанка наполнила 18 години, таа е должна да извади лична карта, бидејќи ова е преклузивна норматива и секој што нема лична карта се казнува со парична казна. Таа се пожали кај нас, бидејќи не може да извади лична карта оти не може да докаже каде живее. Во службата за управни работи при Министерството за внатрешни работи ѝ побарале доказ, заверен на нотар за местото на живеење, што таа не можела да го обезбеди. Девојката освен што нема дом, останала и без родители. Додека била помала родителите ѝ извадиле државјанство и има извод од матичната книга на родени“, вели Сузана Салиу, заменик на Народниот правобранител за граѓански состојби.

Таа вели дека и покрај тоа што станува збор за македонски државјанин, со оваа административна пречка практично ѝ се оневозможува на младата жена да ги оствари правата од социјална и здравствена заштита, кои ѝ следуваат, како и да отвори сметка во банка, или пак да се пријави во Агенцијата за вработување.

„Правото на личен документ му следува на секој наш граѓанин. Затоа отворивме предмет и побаравме одговори од Министерството за внатрешни работи, кое се повика токму на Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште“.

Во иницијативата за промена на спорните законски одредби што канцеларијата на Народниот правобранител ја поднела до Министерствата за труд и социјална политика и Министерството за внатрешни работи се вели:

„Повеќе од 20 години од донесувањето на основниот текст на овој Закон, сѐ уште се применува член два, кој вели дека ‘се смета дека граѓанинот има обезбедно стан за живеење, ако тој или член од неговото семејство има вселив стан по основ на сопственост или договор за закуп во согласност со законот’. Оваа одредба е во спротивност со член 35 од Уставот на Република Македонија, бидејќи Републиката има должност да се грижи за социјалната сигурност на граѓаните и да им даде помош на немоќните и на инвалидизираните лица. Во оваа категорија секако спаѓаат и бездомните лица“.

Според Салиу законските измени треба што поскоро да се направат, бидејќи според податоците со кои располагаат само во Скопје има над 200 бездомни лица.

„Ова младо девојче со сите маки со кои се судира во животот, место да ја интегрираме во општеството, државата со админстрацијата буквално ја остава на маргините, како да не постои. Сметаме дека во вакви случаи престојувалиштето за бездомните лица може да го преземе или Министерството за труд и социјална политика или да се земе адресата на центарот за бездомници на Црвениот крст во Момин поток. Овие адреси може да се искористат како времени, додека луѓето не се стекнат со свое живеалиште или со услови за да си обезбедат живеалиште“, вели Салиу.

Прочитајте го целиот текст тука