По повод официјалната посета на претседателот на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмајер, беше приредена државна вечера, на која беа поканети претставници од државниот врв, пратеници, претставници од политичките партии, како и стопанственици од бизнис секторот коишто остваруваат економска соработка со германската држава.
Воедно, на вечерата присуствуваа и претставници од граѓанското општество и поединци коишто имаат придонес во градење на македонско-германските образовни и културни врски во изминативе години.
Во рамки на свечената вечера, двајцата претседатели имаа протоколарни обраќања во чест на македонско-германското пријателство, соработката и заедничката европска иднина.
„Живееме во турбулентно време во Европа и во светот. За жал, кога мислевме дека агресивната војна во Европа е дел од минатото оваа година се соочивме со брутална агресија врз една суверена држава во Европа од нејзиниот сосед. Нападот на Украина од страна на Руската Федерација не само што е флагрантно прекршување на меѓународното право, туку е и напад врз основните вредности на Европа што ги воспоставивме по завршувањето на Втората Светска Војна. Таквата политика нема никакво оправдување, а агресијата не смее да се релативизира ниту да се наоѓаат изговори за неа.
Овие случувања се најдобра потврда и значаен потсетник за важноста на европското единство и соработка во лицето на Европската Унија како уникатен мировен проект во новата светска историја. Исто така, тие се предупредување дека процесот на европската интеграција ќе биде комплетиран единствено кога сите демократски нации во Европа ќе бидат интегрирани во Европската Унија како најдобра гаранција дека мирот, демократијата, заштитата на човековите права и слободи, правната држава, економскиот просперитет и солидарноста ќе бидат основата врз која почива нашиот континент.
Оваа година мојата држава започна едно ново поглавје на патот на нашата интеграција во Европската Унија. Во тој контекст, Ви благодарам за силната и конзистентна поддршка од Вас лично и од СР Германија. Вие и германската држава сте едни од најсилните промотори и застапници за европската интеграција на Северна Македонија и на нашиот регион. Од суштинско значење за нас во овој сензитивен период е успешно завршување на првата скрининг фаза од процесот на преговори за да почнеме со следната фаза на конкретни преговори во рамките на кластерите и поглавјата. На тој пат, како и досега, ја очекуваме Вашата поддршка и поддршката на Германија во различните области од реформите што следат. Сакам да Ве уверам дека од наша страна посветено ќе ги исполнуваме преземените обврски и ќе бидеме доверлив партнер во овој процес“, сподели Пендаровски во својот говор.