Државните функционери ќе чекаат ред за вакцинација

од Берта Китинска
212 прегледи

Сите државни функционери ќе може да се пријават за вакцинација на сајтот Вакцинација.мк  и да се вакцинираат кога ќе им дојде редот според категориите како што е распоредот за сите други граѓани, кажа претседателот Стево Пендаровски, кој потенцираше  дека политичарите мора да дадат пример и за почитувањето на мерките.

„Само така ќе имаме образ тоа да го побараме и од граѓаните.Ова се однесува на сите, претседател и други државни функционери.Ние сме исти со сите други граѓани кои живеат во оваа земја, како што би требало да биде и за сите други работи“, рече Пендаровски.

Утрово започна масовната имунизација против ковид-19 во здравствените домови низ земјава.

Денеска  граѓаните, кои се над 77 години, ќе се вакцинираат со вакцината „Астра Зенека“, која пристигна преку Ковакс механизмот.

Во Скопје граѓаните ќе се вакцинираат на три пункта во поликлиниките „Јане Сандански“, „Чаир“ и „Букурешт“. Денеска првите вакцини ќе ги примаат и граѓани во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и Кавадарци.