ДС: Државна стипендија за младиот математичар од Штип

од Берта Китинска
178 прегледи

Партијата „Демократскиот сојуз“ смета дека врв на хипокризија е доколку осмоодделенецот Дамјан Давков е подобар од средношколците и победи на натпревар по математика, тоа да биде поништено од бирократски причини, притоа повикувајќи се на законски одредби кои се користат како покритие.

-Реформите во образованието треба да започнат со однесувањето на првиот учител (министер) во овој систем, но тоа не го гледаме преку примерот на ученикот Дамјан Давков од Штип. Нема поважна реформа во образованието од таа системот да почне да ги препознава, признава, помага и поттикнува младите генијалци.

Предлагаме претседателот на РС Македонија, г. Стево Пендаровски да го награди талентираниот ученик по математика Дамјан Давков и да го искористи своето политичко влијание и авторитет за да му обезбеди државна стипендија за талентирани ученици за неговото натамошно школување. Тоа ќе биде признание за сите талентирани млади ученици и поттик да учат и да творат, велат од ДС.

Во однос на реформите во образованието, од партијата велат дека ќе изградат посебен став и ќе го соопштат.

-При тоа, предупредуваме дека образовните реформи не смее да се сведат на експеримент кој, преку спојувањето повеќе различни предмети, ќе се испробува единствено во Македонија, врз грбот на нашите најмлади, а во таква форма не постои никаде во Европа и во цивилизираниот свет кон кој се стремиме.

Особено нагласуваме дека историјата мора да остане како посебен предмет за учениците во основното образование.

Спојувањето на предметот историја со повеќе други предмети, испраќа порака дома и кај нашите соседи дека на Македонците историјата не им е важна, што може да се сфати како сечење на корените на македонскиот народ и обид за негово бришење од картата на народите, поради што мораме да бидеме внимателни.Историјата е помоќно оружје и од атомска бомба!, велат од ДС.

 

Слични содржини