Дуев: Пред да зборуваме за програми и стратегии, прво да обезбедиме просторни услови и научна инфраструктура за студентите

од Nikola Popovski

„Ректоратот да биде како крвоток на единиците, но и да погледнеме реално. Пример факултетот ФИНКИ кој е денес најактуелен за студирање има 504 студенти, а нема зграда. Пред да почнеме да зборуваме за европски програми, стратегии, ние мора прво да обезбедиме просторни услови за тие студенти и второ да обезбедиме современа научна инфраструктура“ изјави професорот Ратко Дуев, кандидат за ректор на УКИМ во дебатата на „Студио 10“ на ТВ24.

Тој исто така на дебатата истакна дека без финансиска и кадровска автономија нема вистинска автономија.

„Вие не може да планирате ништо додека немате обезбедено финансии. Тоа е една голема болка која не мачи долг период. На Филозофскиот факултет за 3-4 години заминуваат околу 30 отсто од наставниците, а нема подмладок. Просекот на стоматолошкиот факултет, на возраст на професорите е 57 години“ рече Дуев.

Професорот истакна дека потребна е пофер и правична распределба на средствата од Буџетот кои доаѓаат во факултетите, бидејќи за УКИМ за 2023 година се издвоение 27,3 милиони денари, што е 1,5 отсто од вкупниот буџет, додека за „Мајка Тереза“ се издвоние 170 милиони денари, што е речиси 57 отсто од вкупниот буџет, а на УКИМ студираат 22 илјади активни студенти, додека на „Мајка Тереза“ студираат 1200.

„Сметам дека капиталните инвестиции не се доволни, бидејќи нашите згради се стари и тука навистина мора да се издвојуваат повеќе средства. Друг проблем, пак, е што не ги трошиме нашите средства. Некаде на средина би бил проблемот“ рече Дуев.

Слични содржини