Владата запуштена и обрасната со трева, Џафери: Арсовска го доби одговорот на изборите

од Nikola Popovski

За неискосената трева во дворот на Владата и дали тоа е обврска на владиниот кабинет или на другите институции, техничкиот премиер Талат Џафери денеска објасни дека според процедурите и прописите, земјиштето е во надлежност на Град Скопје и според обврските, ЈП „Паркови и зеленило“ треба да се грижи за изгледот.

-Владата нема предвидено средства, ниту може да предвиди средства за работи кои што се надлежност на друга институција. Жалам што изгледа така, но на изборите, соодветен одговор доби градоначалничката на Град Скопје во однос на изборниот резултат. Граѓаните гледаат и оценуваат и си го дадоа својот одговор, кажа техничкиот премиер, одговарајќи на новинарски прашање во прес-центарот на Владата.

Веќе подолг период, дворот и околината на Владата е целосно запуштен и обраснат со високи треви и отпадоци. Сликата околу просторот покажува како никој да не го користи објектот кој е еден од најважните во земјава.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска која е претседателка на партијата Нова Алтернатива на парламентарните избори освои вкупно 3516 гласови, што е премалку за пратенички мандат.

Арсовска во Изборната единица 1 каде што ја предводеше и листата на нејзината партија, освоила 1645 гласа или во проценти само 0,85%.

Слични содржини