ДУИ бара извинување од Мицкоски и оставка од Стоилковиќ за случувањата во Министерството за односи меѓу заедниците

Обвинувања од партијата на Ахмети: „Стоилковиќ сè уште не поднесе оставка, иако под негово водство беа создадени деградирачки услови за работа и беше дозволена неприфатлива практика на институционален мобинг и етничка дискриминација“

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: Фејсбук/ДУИ

ДУИ забележува дека премиерот Христијан Мицкоски сè уште не се извини за, како што велат, неоснованите и навредливи обвинувања што јавно ги упати против административците од албанска националност во Министерството за односи меѓу заедниците, како што истакнуваат, навредувајќи ги не само нив, туку и нивните семејства.

Со своите изјави, ,велат од ДУИ, тој клевети без никакви факти, без никакви докази и без никаква одговорност, против жени и мажи кои првично беа понижени со нехумани услови за работа, а потоа станаа предмет на јавно линчување.

-Во исто време, одговорниот министер Стоилковиќ сè уште не поднесе оставка, иако под негово водство беа создадени деградирачки услови за работа и беше дозволена неприфатлива практика на институционален мобинг и етничка дискриминација.

Недоставувањето оставка и отсуството на извинување не се случајности. Тие се доказ за влада која не ја признава политичката одговорност и која го смета понижувањето на вработените Албанци за второстепено прашање.

Во меѓувреме, функционерите од ВЛЕН живеат во паралелен универзум, потопени во дебати за годишни ротации на лидери и пазарење за уредување на нивните столчиња, како ништо да не се случува во државните институции, а додека тие се занимаваат со „аквариумот“ на ротации, албанските административци се исклучени, омаловажувани и етикетирани во државната администрација, без заштита, без достоинство и без глас, порачуваат од таборот на Али Ахмети.

ДУИ бара повторно и недвосмислено – „јавно извинување од премиерот за клеветите и навредите против вработените и нивните семејства, итна оставка на одговорниот министер и итен прекин на дискриминаторските практики против Албанците во државните институции“.

-Секој ден без одговорност ја турка оваа влада подлабоко во морална и политичка криза. Човечкото достоинство не е тема за ротација, туку црвена линија што не смее да се премине, истакнуваат од ДУИ.

Стоилковиќ веќе објави видео од канцеларија во Министерството со кое раководи, а во која, како што вели, работеле отпуштените служеници од ДУИ. Оваа објава на Стоилковиќ следи откако денеска опозициската партија обвини за дискриминација во Министерството за односи меѓу заедниците, бидејќи вчера од оваа институција се отпуштени седуммина Албанци.

Вака, како што вели Стоилковиќ во описот на видеото, изгледа канцеларијата што ја оставиле вчера, откако биле отпуштени од работа. На видеото се гледа дека покрај канцелариски мебел, во неа се поставени и душеци, како импровизирани кревети, а има и апарати за приготвување чај и тостови.