ДУИ повторно обвинува дека вчерашната прес-конференција на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и јавниот обвинител Љупчо Кочевски ја претставува најголемата карикатура на заробената држава. Според партијата во опозиција, наместо да се обезбеди вистинска правда за трагедијата во Кочани, пред јавното мислење се демонстрира влијание – еден вид трансакциска заштита меѓу главниот виновник, министерот Тошковски, и обвинител кој е под политички притисок, а неговата функција зависи од волјата на премиерот.
-ДУИ ги повикува професионалците во МВР и Јавното обвинителство да не дозволат да станат дел од оваа трговија со влијанија и со тоа да не го озаконуваат овој политички пазар. Вистинската правда не смее да се крие преку селективни истраги и медиумски настапи. Правилно е јавното мислење да бара точно и правично да се додели одговорноста за страшната трагедија во Кочани. Тоа што ни се покажува не е правда – туку институционален агресивен напад, еднострански насочен кон албанскиот народ во оваа држава, стои во партиското соопштение објавено утрово.
Добиени се 18 барања, за четири лица е изречена мерка притвор во траење од 30 дена, за шест лица куќен притвор согласно член 163 и мерки за претпазливост согласно член 146 од Кривичниот законик, а за осум лица е изречена мерка за претпазливост согласно членот 146. Сите имаат право на жалба во законски рок, во зависност од мерката што им е одредена, од 24 часа до 72 часа – вака соопштија синоќа од Кочанскиот суд.
Ова вчера го побараа државниот обвинител Коцевски кој заедно со Тошковски, одржаа заедничка прес-конференција во Обвинителството. Меѓу осомничените се и двајца поранешни и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, како и актуелниот генерален инспектор во ДЗС.
-Времето кога кабелот и пајакот беа криви заврши, изјави министерот за внатрешни работи. Тој рече Министерството покажало дека законот важи за секој што ќе се огреши, а при тоа да се собрани соодветни докази. Тој додаде дека со ваков пристап постои шанса да се „рестартира“ системот.
Вкупно 13 години ниту еден инспектор од Кочани не спровел проверка на објектот, кој од лесна индустрија бил пренаменет во дискотека. Истрагата не е готова, таа ќе трае уште најмалку два месеца, најави државниот обвинител.
Вкупно 45 луѓе и три фирми се опфатени со проширената истрага на Обвинителството за системски пропусти кои доведоа до тешки последици од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде што загинаа 61 лице, а речиси 200 беа повредени.