ДУИ бара од Регулаторна најмалку двапати неделно да пресметува цена на горива

-Граѓаните плаќаат милиони повеќе поради застарен модел на РКЕ, порачаа од партијата на Ахмети

од Nikola Popovski
9 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Демократската унија за интеграција излегува со конкретни факти кои покажуваат како граѓаните се оштетуваат во време криза со енергенси. Од партијата на Али Ахмети истакнуваат дека додека на светските берзи цените на нафтените деривати бележат драстичен пад од околу 10%, во нашата држава граѓаните ќе продолжат да плаќаат повисоки цени цела недела.

Според ДУИ, причината е тоа што Регулаторната комисија за енергетика применува застарен модел, базиран на просек од претходната недела, наместо да реагира навремено.

Поради тоа, од партијата бараат итна промена на правилникот за утврдување на цените и воведување на пресметка на цените најмалку двапати неделно.

„Фактите се алармантни – неделна потрошувачка: околу 12 милиони литри дизел, разлика во цена: околу 9 денари по литар и вкупен дополнителен трошок над 1,5 милиони евра за само една недела Ова значи дека граѓаните и малите бизниси плаќаат милиони повеќе, додека некој профитира од нефункционален систем“, рече Албана Мустафа од ДУИ, прашувајќи во чиј интерес работи Владата – на граѓаните или на неколку привилегирани компании.

Управата за јавни приходи ги повика трговците на мало со моторни горива навремено да извршат усогласување на фискалните системи, ценовниците и фактурирањето согласно последната владина одлука со која ДДВ за горивата се намали од 18 на 10 отсто.

Целта е правилна пресметка, евидентирање и прикажување на повластената стапка на ДДВ од 10 проценти.