Демократската унија за интеграција реагираше на одлуката на Градот Скопјe за назначување на управните одбори на неколку јавни претпријатија, изразувајќи сериозна загриженост за драстичното намалување на застапеноста на Албанците во овие управни тела. ДУИ вели дека застапеноста на граѓаните од албанска националност во управните одбори на јавните претпријатија во градот е значително намалена во споредба со претходниот период.
Се потенцира дека во мандатот на минатата локална власт, околу 40 претставници на Албанците биле вклучени во овие одбори, додека со досега донесените одлуки, овој број се намалил на 17.
ДУИ нагласува дека во неколку важни јавни претпријатија, според неодамнешните одлуки, нема претставник на Албанците во управните одбори. Тоа се: Јавното претпријатие „Општинска хигиена“, Универзалната сала, Градската библиотека во Скопјe, Зоолошката градина, Културниот центар за млади, како и Културниот центар за деца во Карпош, каде што застапеноста на Албанците, според ДУИ, е нула.
Во неколку други институции, застапеноста е ограничена само на еден член Албанец. Меѓу нив се Градскиот музеј на Скопјe, Културно-информативниот центар и Домот на културата „Кочо Рацин“.
ДУИ објаснува дека за неколку други јавни претпријатија сè уште нема официјални одлуки за составот на управните одбори и поради оваа причина тие не се вклучени во оваа реакција. Според ДУИ, овој развој на настаните претставува сериозен регрес во почитувањето на принципот на правична застапеност и еднаквост во органите на управување на јавните претпријатија под капата на Град Скопје.
Опозициската партија бара јавно појаснување од Градот Скопјe во врска со критериумите врз основа на кои се извршени овие назначувања, како и причините за изразената диспропорција во застапеноста.
На последната седница на Советот на Град Скопје беа изгласани 117 членови на надзорни и управни одбори без притоа да бидат доставени нивните биографии. Одлуките се донесени од советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, и покрај укажувањата од советниците од опозицијата.