Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за пристрасниот пристап и сериозните неточни факти пронајдени во учебникот по географија за 7 одделение на албански јазик, објавен од издавачката куќа „Тримакс“ и одобрен од Националната комисија за учебници на 5 август 2025 година.
Преку соопштение за медиумите, ДУИ објавува дека овој учебник е пуштен во употреба во текот на учебната 2025 година и содржи формулации што ја искривуваат историската и политичката реалност на Косово.
„Претставувањето на Косово како „сместено на југозападот од Србија“ ѝ дава на Србија улога на референтна точка и го заобиколува признавањето на Косово како независна држава од страна на Северна Македонија. Употребата на терминот „Метохиja“ за Дукаѓинската рамнина претставува сериозно идентитетско и научно отстапување, станувајќи алатка на српските историски наративи. Исто така, формулацијата „Koсовска Митровица“ одразува тенденциозна српска терминологија и не може да биде дел од институционално одобрен учебник“, се вели во соопштението.
ДУИ смета дека одговорноста паѓа директно врз владејачките структури, кои се претставени во Министерството за образование и Комисијата за училишни учебници, бидејќи одобрувањето на оваа книга во 2025 година покажува вазалство, сервилност и толеранција кон историските и идентитетските искривувања, загрозувајќи го образованието на учениците и заштитата на националниот идентитет.
Понатаму, ДУИ итно бара учебникот да се повлече од употреба, содржината да се прегледа и корегира според научните стандарди и државната политика, да се утврди институционалната и политичката одговорност за оваа книга објавена во 2025 година и да се гарантира академска неутралност во сите идни училишни учебници.