Демократската унија за интеграција (ДУИ) упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски, на како што велат – „нелегитимната влада“, барајќи да докаже дека нема антиалбанска агенда и дека ја поддржува еднаквоста и интеграцијата на сите заедници.
„Ако премиерот сака да докаже дека нема антиалбанска агенда и дека не е против албанскиот јазик, нека даде пример со повлекување на иницијативата на неговата партија во Уставниот суд за оспорување на употребата на албанскиот јазик,“ порачаа од ДУИ.
Во соопштението, партијата го повика премиерот да престане со „инструментализирање и вршење притисок врз Уставниот суд“, особено во врска со, како што велат, обидите за „еднострано повторно преговарање на Охридскиот договор“.
„Двојните стандарди, кога се вели едно, а се прави друго, никогаш не направиле вистински лидер и никогаш не помогнале во изградбата на доверба меѓу граѓаните на мултиетничко општество како нашето,“ стои во соопштението на ДУИ.
ДУИ смета дека чинот на повлекување на оваа иницијатива и запирање на притисоците врз институциите ќе биде конкретен доказ дека премиерот не користи празни декларации за да ги покрие дејствијата кои се спротивни на еднаквоста и интеграцијата.
Партијата апелира до премиерот да стави крај на хипокризијата и да покаже со дела дека е за еднаквост на сите заедници. Секое друго однесување, велат од ДУИ, ќе се смета за продолжување на политиките кои продлабочуваат поделби и ја нарушуваат меѓуетничката кохезија.