ДУИ: Го осудуваме индивидуалниот чин на палење на државното знаме кое дојде како реакција на несоодветната интервенција на полицијата

од Nikola Popovski
54 прегледи

„Демократската унија за интеграција најостро ја осудува невидената интервенција на полицијата за време на одбележувањето на Денот на албанското знаме, ден од извонредна важност за Албанците во С. Македонија и ширум светот. Оваа интервенција наместо одржување на јавниот ред, предизвика непотребни тензии и создаде клима на конфронтација, со што се нарушува правото за слободно прославување на овој симболичен ден“, велат од партијата на Али Ахмети за вчерашното прославување низ Скопје и неколку градови низ државата.

Истовремено, додаваат од ДУИ, „го осудуваме индивидуалниот чин на палење на државното знаме кое дојде како реакција на непотребната интервенција на полицијата“.

-Ваквите постапки не ги претставуваат вредностите на Албанците ниту нашите аспирации за стабилен соживот и меѓусебно почитување.

Во овој контекст, неприфатливо и срамно е ВМРО-ДПМНЕ и другите политички сили да се обидуваат да ги искористат овие инциденти за да изградат лажен наратив кој ја криминализира секоја албанска позиција. Оваа тенденција да се претставуваат Албанците како поддржувачи на криминални агенди е напад на нашиот колективен идентитет и достоинство и обид за прикривање на нивната коруптивна агенда.

Албанците од С.Македонија се посветени на демократските вредности, еднаквоста и меѓуетничкиот соживот. Нема да дозволиме нашите легитимни позиции да се користат како параван за политички манипулации или за одржување на моќта на оние кои ги застапуваат нивните лични интереси над интересите на граѓаните и државата, истакнуваат од ДУИ.

Ги повикуваат институциите да постапуваат со разумност, професионалност и непристрасност, без разлика и гарантирајќи го правото на граѓаните слободно да го изразуваат својот идентитет и култура.

-Истовремено, ги повикуваме граѓаните Албанци и сите граѓани на С.Македонија да ја задржат смиреноста, достоинството и единството, да не станат плен на провокациите и манипулациите на оние кои имаат за цел да ја поделат и дестабилизираат државата.

Демократската унија за интеграција останува посветена на заштитата на правата и интересите на Албанците, придонесувајќи за европска иднина на Северна Македонија, каде правдата, транспарентноста и еднаквоста се основните вредности на нашето општество, се вели во соопштението на ДУИ.

Учесници на вчерашната прослава на албанското знаме го уништија македонското знаме. На снимки објавени на социјалните медиуми се гледа еден од учесниците како го кине македонското знаме, а друга снимка го газат со автомобил.

Слични содржини