ДУИ: Граѓаните на милост и немилост на измамничка политика, институциите се „чистат“ од Албанци

од Nikola Popovski
85 прегледи

Од ДУИ преку соопштение велат дека граѓаните се оставени на милост и немилост на измамничка политика која промовира етничка исклученост. Од партијата велат дека поминаа неколку месеци од спроведувањето на изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ преку одлуката на Уставниот суд за забрана на етничката припадност и укинување на алатката „балансер“.

-Граѓаните беа излажани со ветувањето за нов закон со кој ќе се реши оваа неправда, но законот не се појавува и до ден денес. Наместо тоа, институциите, особено безбедносните, се чистат од Албанци со јасен проект што не може да се нарече поинаку освен етничка исклученост. Друго ветување што падна во вода беше тоа за уставни измени во рок од шест месеци, порачаа од ДУИ.

Како што велат од партијата на Али Ахмети, не е казнет полицаецот кој што го симна албанското знаме од бандера во Куманово.

-Инсталирана е политика на измама за да се купи време и да се задржи власта, но Албанците и граѓаните кои веруваат во еднаквост и правда јасно ги прочитаа постапките на оваа власт со моноетнички легитимитет. Институциите, кои некогаш им служеа на сите, сега се претворија во алатки за етничка исклученост и создавање хегемонија.

Албанците се систематски исклучени и маргинализирани, а тоа не е само неправда на една етничка група, туку и удар врз демократијата и стабилноста на земјата, кажаа од опозициската партија преку соопштение, додавајќи дека заврши толеранцијата за оваа политика.