ДУИ: Граѓаните на Тетово, Гостивар и Куманово плаќаат до 650 евра повеќе годишно поради растот на цените

„Само во последните две недели, граѓаните платиле над 10 милиони евра повеќе за нафтени деривати“, вели Велиу Алиу од ДУИ

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Демократската унија за интеграција денес излегува со конкретни податоци и детална анализа во врска со неинтервенирањето на Владата пред драматичниот раст на цените на нафтените деривати, се вели во соопштението на ДУИ од денешната прес-конференција на Имране Велиу Алиу.

„Врз основа на годишната, месечната и дневната потрошувачка во С. Македонија, произлегува дека потрошувачката на нафтени деривати за транспорт изнесува околу 720.000 тони годишно, односно:

-Месечна потрошувачка: 60.000 тони (60 милиони литри)

-Неделна потрошувачка: 15.000 тони (15 милиони литри)

-Дневна потрошувачка: 2.000 тони (2 милиони литри)

Неинтервенирањето на Владата ги чини на граѓаните и бизнисите околу 685.000 евра дневно, односно над 5,15 милиони евра неделно.

Само во последните две недели, граѓаните платиле над 10 милиони евра повеќе за нафтени деривати. Овие се алармантни бројки кои директно го оптоваруваат семејниот буџет и го влошуваат животниот стандард на граѓаните.

Затоа, бараме итни мерки од Владата за заштита на граѓаните и економијата од овој неподнослив товар“, рече Велиу Алиу од ДУИ на прес-конференција.

Според нивните пресметки, граѓаните на Тетово на годишно ниво би плаќале околу 600 евра повеќе по лице, оние што патуваат од Гостивар по 780 евра, а кумановците што секојдневно доаѓаат во Скопје годишно би трошеле околу 579 евра повеќе.

Од ДУИ сметаат дека овие бројки се алармантни и дека директно го влошуваат животниот стандард.

Партијата упати јавно барање до Владата за итно носење мерки што би го ублажиле овој „неподнослив товар“ врз економијата и домаќинствата.