Демократската унија за интеграција ја информира јавноста дека вчера претседателот на ДУИ, Али Ахмети ја свикал втората седница на Генералниот совет на партијата. Како што информираат, на седницата се разговарало опширно за актуелните политички случувања во земјата, односите и релациите со другите политички партии, како и за најавената средба на политичките лидери.
Генералниот совет на ДУИ, со целосен консензус, донел одлука претседателот Ахмети да учествува на лидерската средба, со што уште еднаш се потврдува дека, како што велат, Демократската унија за интеграција останува сериозна, одговорна и државотворна политичка партија, која континуирано го негува политичкиот дијалог и се залага за градење консензус околу клучните политички и економски прашања во земјата.
-Во рамките на своите статутарни надлежности, Ахмети ќе има ексклузивна надлежност за отворање и третирање на теми кои се од витално и стратешко значење за државата, а кои се однесуваат на европската перспектива, политичката стабилност и одржливиот економски развој.
Воедно, Генералниот совет на ДУИ упатува повик до сите политички партии во земјата кои се блиски до визијата на ДУИ, како и до интелектуалните, општествените и професионалните капацитети, да ѝ се приклучат на Демократската унија за интеграција и да станат дел од нашиот политички формациски состав, стои во партиското соопштение.
Се додава дека ДУИ останува отворена за инкорпорирање и апсорбирање на целиот интелектуален и политички потенцијал во земјата, со цел унапредување на политиките и визијата што се во интерес на државата и на сите граѓани без разлика.
-Оттука, овој повик е упатен до сите политички субјекти, општествени, интелектуални и професионални асоцијации, да станат дел од Демократската унија за интеграција и од нашата заедничка визија за стабилна, демократска и развиена држава, стои во соопштението на ДУИ испратено до медиумите.
За денеска напладне во Клубот на пратеници, премиерот Христијан Мицкоски ја најави лидерската средба. Ќе се бара консензус за реформските закони, евроинтеграциската агенда и укинувањето на Техничката влада. На маса треба да се најде и статусот на Изборниот законик, и изборот на Народен правобранител. СДСМ најави бојкот.