До Управниот суд синоќа била поднесена тужба од коалицијата ВЛЕН за резултатите од парламентарните избори, против одлуката на Државната изборна комисија. Оттаму информираат дека оформен е предмет и се преземаат сите процесни дејствија, согласно роковите определени во Изборниот законик.
И од ДУИ велат дека доставиле тужби до Управниот суд по усвоените 7 приговори од Државната изборна комисија, шест во петтата изборна единица и еден во шестата изборна единица.
На веб – страната на Управниот суд е објавено дека ја известува јавноста дека синоќа во 22.33 часот, по поднесена тужба од Коалиција Влен на Парламентарните избори 2024 против Одлука на Државна Изборна Комисија УП1 бр.10-14 од 14.5.2024 година, оформен е предмет УРП.бр.86/2024. По поднесената тужба, Управниот суд ги презема сите процесни дејствија согласно роковите определени во Изборниот законик. Крајниот рок за овој предмет истекува на полноќ.
Од ВЛЕН сметаат дека прифаќањето на приговорите во петката и шестката е потврда на изборните манипулации на Европскиот фронт, предводен од ДУИ. Од таму пак возвраќаат дека тоа значело оспорување на нивниот легитимитет и волјата на гласачите. Од ДУИ најавија и пријави против членовите на ДИК.
Државната изборна комисија ќе ги чека решенијата на Управниот суд, но исто така утре ќе треба да почне да се подготвува за прегласувањето што треба да се одржи во среда на 22 мај.
До ДИК беа поднесени 27 жалби за гласањето на парламентарните избори, но дел од нив беа групни. Оттаму посочуваат дека тие внимателно ги разгледувале сите приговори, а усвоиле само седум односно таму каде што има основи и каде што е евидентно дека податоците во доверливиот материјал не се согласуваат со податоците од записникот, а тоа е во избирачките места Желино, Струга, Охрид и по две во Доленени и Крушево.
Членовите на ДИК за еден од приговорите одлуката ја донесоа едногласно, додека за сите останати имаше шест гласа „за“, а еден „против“.