ДУИ ќе ги поддржи законските измени за „Безбеден град“ да започне од 1. февруари

Пратеничката Ајдари истакна дека граѓаните реагираат дека албанскиот јазик не се користел во електронските известувања од МВР и системот

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Координаторката на пратеничката група на ДУИ и коалицијата „Европски фронт“, Рина Ајдари денеска соопшти дека нејзината партија ќе го поддржи Законот за прекршоци кој што е важен за отпочнување на проектот „Безбеден град“. Според Ајдари, граѓаните имаат свои загрижености кои треба да бидат разгледани од МВР.

Пратеничката истакна дека граѓаните реагираат дека албанскиот јазик не се користел во електронските известувања од „Безбеден град“. Додаде дека ваквото прашање мора да се регулира.

-Сметаме дека казните треба да бидат пропорционални, едукативни и превентивни, а не само казни за да создаваат социјална и економска неправда за граѓаните. Ние сме за безбедност во сообраќајот, но и за целосно почитување на Уставот и правата на граѓаните, рече Ајдари пред медиумите.

-Ако се закаже седницата во петок, ќе го поддржиме ова законско решение. Имаме пратеници со кои требаше да се разговара и да се дискутира во таа насока. Имавме задача за да ги усогласиме ставовите што е легитимно право на пратениците, соопшти пратеничката од ДУИ, запрашан што се промени во ставот на партијата на Али Ахмети од каде првично велеа дека нема да го „аминуваат“ Законот за прекршоци.

Од денеска до крајот на месецот се тестираат камерите на системот „Безбеден град“. На одредени локации каде се спроведуваат процедурите не се пропуштаат возила.

За први февруари е најавено официјално камерите да снимаат, a за прекршоците да има казни. Услов е да минат законските измени во Собранието за кои треба двотретинско мнозинство.