Лидерот на ДУИ, Али Ахмети денеска во видео-обраќање го најави потпретседателот на партијата и шеф на македонската дипломатија, Бујар Османи како кандидат за претседател. Воедно Ахмети ја најави и кампањата на ДУИ, под слоганот „НЕ за Русија, ДА за Европа“.
Тој ги повика граѓаните да изберат претседател и заменик претседател со 2/3 од гласовите, односно со двојно мнозинство, според Бадентер.
-Отворањето на Уставот за изборот на претседателот ќе овозможи и усвојување на Договорот за добрососедство и продолжување на европската интеграција, стои меѓу другото во обраќањето на Ахмети.
Веќе се познати шест кандидати. Од СДСМ вчера информираа дека раководството на партијата одлучило актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски повторно да влезе во претседателската трка. Професорката и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова е единствената која одговорила на јавниот повик на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за кандидат на партијата за претстојните претседателски избори, соопшти партијата.
Учество во претседателската трка најави и првиот човек на ГРОМ, Стевчо Јакимовски. Партиите од здружената албанска опозиција застанаа зад кандидатурата на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците.
Уште претходно поддршка од граѓаните преку собирање на потписи, најавија д-р Вело Марковски како независен кандидат и професорката Билјана Ванковска, која ја доби поддршката од Левица.