ДУИ: Кога Скопје беше обвиено со токсични облаци, Меџити се појави на партиски активности

„Наместо да измислуваат внатрешни и надворешни непријатели, оваа Влада и Меџити треба да се соочат со својата одговорност, да ги расчистат случаите на палење пожари и да ја лоцираат одговорноста таму каде што навистина припаѓа“, порачуваат од ДУИ

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Официјален профил на Изет Меџити

Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост за еколошката катастрофа по избувнувањето на пожарот во Трубарево. Оттаму велат дека министерот за животна средина, Изет Меџити, остана невидлив и неодговорен пред кризата.

Според ДУИ, во моментите кога Скопје беше обвиено со токсични облаци, со мирис на изгорена пластика, гуми и батерии, граѓаните очекуваа информации, препораки и апел за заштита.

-Но, Меџити не излезе пред јавноста, не презеде мерки, не понуди решение. За него, поважно беше да се појави на партиски активности, како ништо да не се случило.

Парадоксално е што токму Министерството што тој го води е тоа што издава дозволи и има обврска да ги контролира ваквите објекти. Но, Меџити, наместо да преземе одговорност, се крие зад празни оправдувања и се обидува да измисли дежурни виновници во ДУИ. Наместо да измислуваат внатрешни и надворешни непријатели, оваа Влада и Меџити треба да се соочат со својата одговорност, да ги расчистат случаите на палење пожари и да ја лоцираат одговорноста таму каде што навистина припаѓа – дури и ако тоа е нивната неспособност. Клеветите и неоснованите обвинувања нема да ги спасат од неуспехот, порачуваат од ДУИ.

Истакнуваат дека ова не е прв пат. Обвинуваат дека Меџити за две децении во Чаир оставил „зад себе урбан хаос, загадување и негрижа и се сеќаваше на граѓаните само пред избори“.

-Денес, истиот модел на неодговорност се повторува на државно ниво. Јавно прашуваме: кој ги подметна пожарите во Битола, Кавадарци, Штип и во други градови низ државата? Зарем и таму виновна е ДУИ? Или тоа е едноставно стилот на Меџити – да бега од одговорност и да мисли само на својот личен интерес?

Граѓаните разбираат. На 19 октомври, Чаир и целата држава ќе стават крај на политиката на неодговорност, негрижа и егоизам, затоа што дојде време за лидерство што го штити здравјето и достоинството на луѓето, истакнуваат од опозициската партија.